Утрински Весник
Македонија

СДСМ: Го објавивме енергетскиот октопод на Мицкоски

Jon frckoski sdsm.jpeg

Соопштение за јавност на СДСМ:

Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) денеска ја објави бизнис мрежата на Христијан Мицкоски во енергетиката, која се протега од офшор компании, преку регионални бизнис партнери, до поставување на блиски луѓе на клучни функции во државните институции.


Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на прес конференција потенцираше дека станува збор за мрежа која директно е поврзана со бизнисот со струја.

Тој посочи дека мрежата започнува од името за кое Мицкоски, како што рече, упорно избегнува да одговори.

„Погледнете го овој октопод. На врвот е секако Мицкоски. Но, започнуваме од едно име за кое Мицкоски не сака да се зборува – Душан Адамовиќ. Мицкоски го назначи за почесен конзул во Србија, а 15 дена бегаше од одговор за неговата поврзаност”, рече Фрчкоски.

Токму преку Адамовиќ се отвора линијата кон офшор структури и регионални енергетски компании.

„Преку Адамовиќ, функционер на СНС – сестринската партија на ВМРО, доаѓаме до офшор компанија од Кипар, од каде почнува одмотувањето на ова бизнис-енергетско клопче. Од офшор структурата, на Кипар е компанијата „Altaria Research Limited”, која води до „Rudnap Group”, енергетски холдинг на српскиот бизнисмен Војин Лазаревиќ”, нагласи Фрчкоски.

Тој посочи дека врските продолжуваат и во самата Влада.

„Врската со Владата на Мицкоски е директна. Тука Мицкоски има уште еден свој човек – министерката за енергетика Сања Божиновска, која се поврзува директно со „Руднап”. Била извршен директор во „Руднап Груп” и управител во „Руднап ДООЕЛ Скопје”, рече Фрчкоски.

Фрчкоски истакна дека кругот се затвора со поставување на блиски луѓе на клучни функции.

„Кругот меѓу бизнис интересите во енергетиката и политичките позиции се заокружува и со поставување на други луѓе на клучни функции. Во Развојната банка Мицкоски ја назначува сопругата на неговиот партнер во хидроцентралите, Ефимија Димовска. За секој бизнис потребна е банка”, истакна тој.

Тој потсети и на состојбата во најголемиот производител на електрична енергија.

„Во РЕК Битола, најголемиот производител на струја, директор станува Иван Куковски – близок до семејството на Мицкоски и поранешен советник на Божиновска. Зошто е важен РЕК? Бидејќи кога се произведува помалку струја, Македонија мора да увезува скапа струја од надвор”, рече Фрчкоски.

Антикорупцискиот тим на СДСМ, како што нагласи тој, ќе продолжи со откривање на оваа мрежа и во наредниот период.

„Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува со откривање на оваа бизнис мрежа. Следуваат нови сегменти за врските во Србија, Чешка и Австрија”, порача Фрчкоски.

Во делот за Србија, Фрчкоски посочи дека се отвора нова линија на поврзаности.

„Адамовиќ е партнер со „Руднап”, каде сопственик е Војин Лазаревиќ. „ Адамовиќ е партнер со „Руднап”, каде сопственик е Војин Лазаревиќ. „Руднап” е исто така партнер со „Ал Дахра”, компанија која се поврзува со проектот „Белград на вода”. За таков сличен проект „Скопје на вода” се зборуваше во Македонија. Но за овој сегмент од мрежата ќе откриваме понатаму. Оваа мрежа допрва ќе се одмотува.”, рече Фрчкоски.

Тој порача дека токму во оваа мрежа се крие причината за растот на трошоците за струја.

„Кога ќе видите покачена сметка за струја, сетете се на оваа мрежа. Тука лежи причината. Кога ќе видите покачени цени, кога Мицкоски ќе ви каже дека нема пари за плати, дека сте хистерични кога барате поголеми плати – ова е позадината”, истакна Фрчкоски.

„За Мицкоски сè е само бизнис”, порача членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски.

Можете да прочитате

Граѓани поднесоа кривична пријава против Зоран Витанов за „Мајворлд“

Брачен пар физички нападнат во подземна гаража во Центар

Левица: Стотици млади правници оставени во неизвесност поради партиски препукувања