Утрински Весник
Македонија

СДСМ е сериозна партија, потребен е став за клучни прашања

Despotovski Kavadarci 1.jpg

За СДСМ да се врати како силна политичка партија мора јасно да дефинира став по клучните прашања и да покаже дека вистински се грижи за интересите на своите членови и граѓаните, порача Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ, на првото заедничко претставување на програмите на сите кандидати во Кавадарци.

„Ни треба став за многу прашања, а приоритетно да се изгради за клучните. Многумина наши членови деновиве ме прашуваат – Ако бидете претседател на СДСМ, каков ќе ни биде ставот по прашањето на уставните измени? Тука сакам да бидам јасен. СДСМ излезе на изборите, кои беа и референдум за некои прашања со една понуда, за која се залагавме три години. Нашиот политички противник даде друга понуда по ова прашање и доби три пати повеќе поддршка од граѓаните. Оттаму, ако сакаме да покажеме, а не само да кажеме дека навистина ја сфативме пораката од граѓаните ќе излеземе и ќе им кажеме на ВМРО ДПМНЕ – Повелете, добивте мандат од луѓето, сработете, дајте го решението да го разгледаме и да дадеме поддршка да се спроведе. Тоа им го должиме на луѓето. Е, тоа е став. Така ќе покажеме дисконтинуитет со досегашните политики“ рече Деспотовски.

Деспотовски повика и на што поголема активна регистрација на членовите за да им се слушне гласот и сами да го направат изборот, за да нема наметнати решенија.

„Тука не станува збор само за исходот од гласањето, туку и самиот процес. Ако во рамки на самиот процес поттикнеме и овозможиме што е можно поголем број на членови да го препознаат својот интерес и да се вклучат преку активната регистрација и да учествуваат во изборите и во вакви јавни дебати во тој случај мислам дека сме на добар пат. Доколку се овозможи да имаме фер постапка во која нема да има наметнати решенија и во која секој глас ќе биде препознаен, СДСМ ќе победи на 30 јуни. Многу е важен и резултатот од самиот изборен процес на кој луѓето ќе треба да кажат дали се за континуитет или радикален дисконтинуитет со досегашните пракси и политики,“ истакна Деспотовски.

Ова е првата од серија заеднички претставувања на сите кандидати за претседател на СДСМ.

Можете да прочитате

(Фото) Парада на гордоста во Скопје

Почина Миле Андонов, поранешниот пратеник од Кочани

Утре последен рок за регистрација за изборите за претседател на СДСМ