
На полноќ денеска истекува рокот за пријавување на кандидатите за нов државен јавен обвинител, а досега, според информации од Собранието, се пријавени четири кандидати.
Иако од Собранието не ги соопштуваат официјално сите имиња, потврда за поднесена кандидатура има од судијата Ненад Савески и јавната обвинителка Лидија Раичевиќ. Како кандидати се споменуваат и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, како и Мустафа Хајрулахи, поранешен виш јавен обвинител, а сега адвокат.
Според законските услови, идниот државен јавен обвинител треба да поседува најмалку 10 години работно искуство. Советот на јавни обвинители ќе ги оценува сите пристигнати кандидатури и ќе достави листа со имиња до Владата.
Владата, врз основа на таа листа, ќе избере еден кандидат кој ќе го наследи Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка на денот кога во Собранието требаше да се отвори расправа за неговото разрешување. Коцевски ја извршуваше функцијата неполни две години, откако беше избран на 13 февруари 2024 година.
До изборот на нов државен јавен обвинител, функцијата вршител на должност ја извршува Анита Тополова Исајловска.

