Утрински Весник
Свет

Санчез: Двојните стандарди на ЕУ за Украина и Газа го поткопуваат кредибилитетот на Европа

Sanchez.webp.webp

Двојните стандарди на Европската унија во однос на конфликтите во Украина и во Појасот Газа би можеле сериозно да го загрозат авторитетот и кредибилитетот на Европа на глобалната сцена, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез, пренесе „Гардијан“.

– Корените на овие војни се целосно различни, но светот на крајот гледа кон Европската унија и западното општество и прашува: Зошто имате двојни стандарди кога станува збор за Украина и кога станува збор за Појасот Газа?, нагласи Санчез.


Според шпанскиот премиер, реакцијата на ЕУ на постапките на Израел е „една од најмрачните страници во меѓународните односи во 21 век“. Тој повтори дека официјален Мадрид досега во повеќе наврати заговарал прекин на стратешкото партнерство на ЕУ со Израел, но таа иницијатива не добила потребна поддршка во Брисел.

Санчез потсети дека Европската унија веќе вовела 18 пакети санкции против Русија поради војната во Украина, но оти во случајот со Израел не е преземен ниту најмал чекор кон суспензија на договорот за асоцијација, иако станува збор за „очигледни прекршувања на човековите права во Газа“.

– Нелогично е што во случајот со Русија преземавме цела низа мерки, а истовремено Европа, следејќи двојни стандарди, не беше во состојба дури ни да го суспендира договорот за асоцијација со Израел, истакна Санчез.

Тој предупреди дека отсуството на единствена и доследна политика ќе го доведе во прашање глобалното влијание на ЕУ, бидејќи, како што нагласи, „светот гледа и ја оценува Европа токму преку нејзините постапки“.

Можете да прочитате

Кина по првпат ја претстави нуклеарната „тријада“ на воената парада во Пекинг

Руте: Очекувам во Париз утре да се разјасни какви гаранции можеме да ѝ обезбедиме на Украина

Лавров: На Украина треба да ѝ се гарантира неутрален, неврзан и ненуклеарен статус