Утрински Весник
Свет

САД со итно предупредување: Не патувајте во Турција, САД го затвораат конзулатот во Адана

Img 9575.jpeg

Американскиот Стејт департмент издаде ново патничко предупредување за Турција, при што за југоисточниот дел на земјата е воведено највисокото ниво на предупредување – Ниво 4 „Не патувајте“, поради ризик од тероризам и вооружени конфликти.

Во соопштението се наведува дека за остатокот од Турција важи Ниво 2 – „Зголемена претпазливост“, но се предупредува дека во одредени региони постои зголемен ризик поради безбедносната состојба.


Стејт департментот информира дека на 9 март 2026 година е наредено неитниот персонал на американската влада и членовите на нивните семејства да го напуштат Генералниот конзулат на САД во Адана, од безбедносни причини. Воедно, американските државјани кои се наоѓаат во југоисточна Турција се повикуваат што поскоро да ја напуштат областа.

Американскиот конзулат во Адана ги суспендираше сите конзуларни услуги, а американските граѓани за помош се упатуваат да се обратат во Амбасадата на САД во Анкара или во Генералниот конзулат во Истанбул.

Според предупредувањето, во Турција постои реална закана од терористички напади, при што терористичките групи продолжуваат да планираат можни напади, често без претходно предупредување. Потенцијални цели можат да бидат туристички локации, транспортни центри, пазари, трговски центри, владини институции, хотели, ресторани, клубови, верски објекти и јавни настани.

Дополнително, Стејт департментот предупредува и на произволни притворања, посочувајќи дека турските власти во одредени случаи апсат лица, вклучително и американски државјани, поради наводни врски со терористички организации, понекогаш врз основа на ограничени докази. Исто така, на некои странски државјани им се изрекуваат забрани за напуштање на земјата.

Предупредувањето доаѓа и во контекст на зголемените регионални тензии, откако на 28 февруари започнаа непријателства меѓу САД и Иран. Според американските власти, постои закана од ирански ракетни напади, а на 4 март НАТО воздушната одбрана уништила балистичка ракета која се движела кон турскиот воздушен простор.

Во предупредувањето се наведува дека југоисточниот дел на Турција, кој ги опфаќа провинциите Адана, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Мардин, Шанлиурфа, Ван и други, се соочува со зголемен ризик поради близината на конфликтни зони во соседните земји, како и поради можни антизападни и антиизраелски расположенија.

Американските власти ги повикуваат своите граѓани да избегнуваат протести и големи собири, да бидат внимателни на јавни места и да ги следат локалните медиуми и безбедносни информации.

Можете да прочитате

Иран со проектил кон Турција: НАТО го собори, Анкара предупредува на одговор

Сијарто: Поради војната во Заливот, ЕУ веднаш да ја укине забраната за увоз на руска нафта

Киев: Русија и Иран претставуваат иста закана