Утрински Весник
Свет

САД, Русија и Кина складираат се повеќе нуклеарно оружје: објавени најнови податоци

САД, Русија и Кина складираат се повеќе нуклеарно оружје: објавени најнови податоци

Бројот на оперативно нуклеарно оружје во арсеналот на големите воени сили повторно е во пораст, покажуваат податоците на водечки тинк-тенк во овој сектор, чии аналитичари предупредуваат дека светот се движи кон еден од најопасните периоди во човечката историја.

dobivaj vesti na viber

Во време на влошување на меѓународните односи и ескалација на заканите со нуклеарно оружје, се проценува дека во светот има околу 12.512 боеви глави, од кои 9.576 се во воени резерви подготвени за потенцијална употреба, што е за 86 повеќе од пред една година, пишува „Гардијан“.

Овој пораст го означува крајот на периодот на постепено опаѓање што следеше по крајот на Студената војна. Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм (Сиприа) сугерира дека Кина поседува 60 нови боеви глави. Друго ново оружје се припишува на Русија (12), Пакистан (пет), Северна Кореја (пет) и Индија (четири).

Зголемувањето на бројот на готови боеви глави доаѓа и покрај декларацијата од 2021 година на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција – дека „нуклеарната војна не може да се добие и никогаш не смее да се води“.

Русија и САД заедно поседуваат речиси 90% од вкупното нуклеарно оружје во светот. Покрај употребливото нуклеарно оружје, двете сили поседуваат повеќе од 1.000 боеви глави, кои претходно ги повлекоа од активна употреба и кои постепено ги демонтираат. Од вкупно 12.512 боеви глави во светот, вклучувајќи ги и оние што се повлечени и чекаат демонтирање, „Сипри“ проценува дека 3.844 се распоредени на проектили и авиони.

Околу 2.000 боеви глави – од кои речиси сите припаѓаат на Русија или САД – се чуваат во висока оперативна готовност, што значи дека се поставени на проектили или се чуваат во воздушни бази во кои се сместени нуклеарни бомбардери.

Сепак, „Сипри“ забележува дека целосната слика е тешко да се процени бидејќи голем број земји, вклучувајќи ги Русија, САД и Велика Британија, го намалија нивото на транспарентност откако Владимир Путин ја започна инвазијата на Украина.

Можете да прочитате

Околу 18.000 Сиријци се вратиле дома од Јордан, по падот на Асад

Во Украина пристигаат германски тенкови „Леопард“

Банкротираше компанијата што ги произведува амблемите на Мерцедес