Утрински Весник
Свет

САД, ЕУ и арапските земји повикаа на прекин на 21-дневниот конфликт меѓу Израел и Хезболах

Liban1.jpg

САД, ЕУ, Франција, Германија, заедно со неколку други сојузници и три арапски земји ги повикаа владите на Израел и Либан на итен 21-дневен прекин на огнот преку израелско-либанската граница, истовремено изразувајќи поддршка за прекин на огнот во Газа.

Во соопштението објавено доцна во средата, се посочува дека ситуацијата меѓу Либан и Израел стана неподнослива по почетокот на конфликтот во Појасот Газа и дека тоа претставува неприфатлив ризик за поширока ескалација на конфликтот во регионот.

„Затоа, повикуваме на итен прекин на огнот на либанско-израелската граница на 21 ден, со цел да се обезбеди простор за дипломатијата да склучи дипломатски договор“, се вели во соопштението.

Соопштението, како што пренесува „Гардијан“, го потпишале САД, Франција, ЕУ, Германија, Италија, Австралија, Јапонија, Канада, како и Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

– Овие разговори ги имавме долго време – изјави подоцна за новинарите неименуван висок американски функционер.

Официјалниот претставник рече дека отворањето на дипломатскиот простор во Либан во текот на 21-дневниот период, исто така, се очекува да го отвори патот за потенцијален прекин на огнот во Појасот Газа, објави Ројтерс.

Непријателствата меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах, кои ескалираа во последните недели, ги зголемија стравувањата од регионална војна.

Началникот на израелската армија, генерал Херзи Халеви, во средата изјави дека армијата се подготвува за копнена офанзива против Хезболах во Либан.

Бројот на загинати во вчерашните израелски воздушни напади врз Либан достигна 70, јави телевизијата „Ел Мајадин“, повикувајќи се на либанското Министерство за здравство.

Во извештајот се наведува дека во нападите се ранети повеќе од 400 луѓе.

„Ел Мајадин“ пренесува дека повеќето луѓе загинале во областа на планинскиот венец Либан и во Набатие, Баалбек-Хермел и долината Бека.

Во извештајот не се наведува дали жртвите се цивили или членови на воената формација на Хезболах.

Претходно беше соопштено дека во нападите оваа недела загинале 51 лице, а биле ранети 223 лица.

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме