Руските мировници презедоа итни мерки за смирување на тензиите на ерменско-азербејџанската граница, каде што во вторникот имаше размена на оган во близина на селото Тег, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова за ТАСС.
„На 11 април имаше вооружен инцидент кај селото Тег, на линијата на прекин на воени дејства на ерменско-азербејџанската граница. За жал, достапните информации велат дека има жртви. Руските мировници кои беа во областа веднаш стапија во контакт со ерменските и азербејџанските официјални претставници и презедоа мерки за деескалација“, вели Захарова.
Таа посочи дека инцидентот уште еднаш ја потврдува потребата од воздржаност од страна на Баку и Ереван, како и строго почитување на трилатералните договори склучени од лидерите на Русија, Азербејџан и на Ерменија.
Министерствата за одбрана на Ерменија и на Азербејџан пријавија вкупно седум загинати меѓу припадниците на своите трупи во обновениот вооружен судир, пренсува „Радио Слободна Европа“.
Министерството за одбрана на Ерменија извести во вторникот дека четворица ерменски војници биле убиени, а шестмина биле ранети како резултат на азербејџанската провокација, додека Министерствота за одбрана на Азербејџан извести за тројца загинати во редовите на неговата армија.
Ереван и Баку повторно меѓусебно си ја префрлаат вината за предизвикување на најновиот вооружен судир.
Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека азербејџанските војници распоредени во полињата во близина на ерменското село Тег, во рамките на ерменската суверена територија што ја зазеле две недели претходно, отвориле оган кон ерменските војници кои вршеле инженерска работа таму.
Како што се наведува, борбите во јужната провинција Сјуник започнале попладднето и траеле најмалку час и половина, во текот на кои Азербејџан, наводно, ги гранатирал ерменските позиции.
Министерството за одбрана на Азербејџан претходно ги обвини ерменските сили за провокација како резултат на која биле убиени и повредени неколку азербејџански војници.
Обновените борби уследија по инцидентот во понеделникот во кој ерменските безбедносни сили привеле еден Азербејџанец, а трагале по друг за кој исто така се смета дека влегол во Ерменија од непознати причини.