
Полската армија утрово објави дека соборила најмалку четири беспилотни летала што го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз соседна Украина.
Според Оперативната команда на полската армија, руските дронови континуирано го нарушувале воздушниот простор на Полска, што било оценето како реална закана по безбедноста на населението. „По наредба на оперативниот командант веднаш беа активирани одбранбени мерки. Полските и сојузничките авиони следеа неколку објекти на радар, со акцент на оние што би можеле да бидат опасни. Дел од беспилотните летала што навлегоа во нашиот воздушен простор беа соборени,“ наведуваат од командата.
Четири аеродроми беа привремено затворени, вклучувајќи го главниот аеродром Шопен во Варшава и аеродромот Жешов-Јашонка, центар за трансфер на патници и оружје во Украина. Утрово аеродромот Шопен во Варшава беше повторно отворен, по неколку часа застој. На патниците им било кажано да ги проверат информациите за летот на веб-страницата на аеродромот или директно да ги контактираат превозниците.
Полскиот претседател Карол Навроцки објави дека „наскоро“ ќе претседава со итен состанок на Канцеларијата за национална безбедност, на кој ќе присуствува и премиерот Туск. Тој потврди дека е во контакт со сите клучни министри и воени лидери. „Безбедноста на нашата татковина е највисок приоритет и бара тесна соработка“, напиша Навроцки на X.