Утрински Весник
Свет

Руската и кинеската морнарица спроведуваат заеднички артилериски вежби во Јапонското Море

Fe0a4fa6 6b65 43fe 8a18 bccf306395d8.jpg

Руската и кинеската морнарица спроведуваат артилериски и противподморнички вежби во Јапонското Море, соопшти денес Руската Тихоокеанска флота.

Вежбите се одржуваат два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе испрати две нуклеарни подморници во „соодветни региони“ како одговор на изјавите на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев. Воените вежби меѓу двете земји беа планирани уште пред одлуката на Трамп.


Руската новинска агенција Интерфакс објави дека руските и кинеските бродови се движат во заедничка формација во која се вклучени руски противподморнички брод и два кинески разорувачи. Интерфакс пишува дека се вклучени две дизел подморници од двете земји, како и кинески брод за спасување на подморници. Маневрите се дел од вежбите „Поморска интеракција 2025“, кои ќе траат до задутре.

Трамп ја оцени изјавата на Медведев како многу провокативна

Русија и Кина, соседни земји кои потпишаа „безгранично“ стратешко партнерство непосредно пред почетокот на руската офанзива врз Украина во 2022 година, редовно одржуваат воени вежби. Трамп рече дека ја издал наредбата завчера поради „многу провокативната“ изјава на Медведев за ризикот од војна меѓу двете нуклеарни сили.

Русија и Соединетите Американски Држави имаат убедливо најголемите нуклеарни арсенали во светот, а и Москва и Вашингтон исклучително ретко јавно објавуваат каде ги испратиле своите нуклеарни подморници.

Рускиот претседател Владимир Путин треба да ја посети Кина кон крајот на август. Тој ќе присуствува на самитот на Шангајската организација за соработка и на прославата по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, што ќе вклучува и воена парада.

Можете да прочитате

Жена на 76 години за првпат стана мајка

Трамп jа разреши директорката на Бирото за статистика

Макрон: Европската иднина на Србија е нејзиниот вистински пат