Руската Дума усвои предлог-закон со кој се воведува целосна забрана на руските граѓани и компании да објавуваат огласи на сите портали и социјални мрежи на странски агенции, а секакво рекламирање на тие портали и мрежи е забрането, пренесе Тас.
Предлог-законот беше поднесен до Државната дума од група пратеници, на чело со претседателот на парламентот Вјачеслав Володин.
Законот утврдува дека странските агенции подлежат на ограничувања и забрани за објавување рекламна содржина и рекламирање. Володин објасни дека ова се однесува на секоја платформа – веб-страници, блогови и социјални мрежи.
Според него, неопходно е да се запре практиката странски агенции да добиваат приходи од реклами, иако „не кријат дека донираат средства за вооружените сили на Украина, кои убиваат војници, офицери и цивили“ на Русија.
За непочитување на ограничувањата утврдени со законот за странски агенции, предвидена е парична казна до 50.000 рубли за граѓаните, а до 500.000 рубли за правни лица.