
Руската армија значително ги интензивира активностите долж границата со Финска, при што се гради нова воена инфраструктура и се обновуваат претходно напуштени бази, покажуваат најновите сателитски снимки објавени од „Њујорк тајмс“. Овие активности, според НАТО и воени аналитичари, се знак за долгорочна стратегија по евентуалното завршување на војната во Украина.
Снимките потврдуваат изградба на шатори, складишта за воени возила, засолништа за борбени авиони, како и активирање на стара хеликоптерска база. Воените бази во Мурманск, Олења, Каменка и Петрозаводск бележат зголемена активност, со присуство на десетици авиони и стотици шатори, блиску до финската граница.
Иако Русија моментално има ограничено воено присуство на север поради ангажманот во Украина, проценките на финските и НАТО извори укажуваат дека во наредните пет години Москва ќе пренасочи дел од своите сили кон границата со Финска. Таму, тие очекуваат трикратно зголемување на руските трупи и организациски промени со трансформација на бригади во дивизии.
Финска, која стана членка на НАТО во 2023 година, сега ја дели најдолгата граница со Русија од сите членки на алијансата – 1.340 километри. Според финските власти, иако во моментов не се чувствува директна закана, тие се подготвуваат за идно присуство на значителна руска сила.
Западните аналитичари истакнуваат дека руската стратегија е јасна – по завршувањето на војната, фокусот ќе се префрли кон северот и Арктикот, кој Москва го смета за клучен геополитички ресурс. Ова, според нив, би можело да значи и почеток на нови тензии долж границите на НАТО.
Дури и руските аналитичари предупредуваат дека сегашните подготовки се насочени кон можно сценарио на конфликт со НАТО. „Кога војниците ќе се вратат од Украина, тие ќе гледаат преку границата кон земја што ја сметаат за непријател“, изјави Руслан Пухов, руски воен аналитичар.
Финските власти, во координација со НАТО, веќе работат на долгорочна стратегија за одбрана и присуство во регионот, оценувајќи дека следните неколку години ќе бидат клучни за безбедносната рамнотежа на северна Европа.