Утрински Весник
Свет

Русија и Кина со „широк консензус“ за Украина и Јапонија

China Flag.jpg

Кина и Русија постигнаа „широк консензус“ за голем број клучни прашања за време на посетата на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, на Москва оваа недела, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

Разговорите се одржаа во услови на засилена дипломатска активност насочена кон прекин на војната во Украина, како и во момент кога Пекинг бара поширока поддршка во ескалирачкиот спор со Токио.

Пекинг и Москва треба „да продолжат да се координираат и да соработуваат за категорично да се спротивстават на провокативните акции на јапонските крајнодесничарски сили, насочени кон поткопување на регионалниот мир и стабилност, како и на нивните обиди за ремилитаризација“, му рекол кинескиот министер за надворешни работи на својот руски колега, Сергеј Лавров, според соопштението на Министерството.

Ванг Ји го даде овој коментар во услови на најсериозната дипломатска криза меѓу Пекинг и Токио во последните години, откако јапонската премиерка Санае Такаичи минатиот месец изјави дека хипотетички кинески напад врз демократски управуваниот Тајван би можел да предизвика одговор од Јапонија.

На одделна средба, кинескиот министер за надворешни работи и секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, „спроведоа стратешко усогласување за прашања поврзани со Јапонија и постигнаа висок степен на едногласност“, се додава во соопштението.

Посетата на Ванг Ји на Москва се совпадна со таа на специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер.

Според Кремљ, петчасовната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американските пратеници не довела до пробив во евентуален договор за ставање крај на војната во Украина.

Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во решавањето на украинската криза и ќе одржува стратешки дијалог со Москва, ги уверил Ванг Ји и Лавров и Шојгу, посочува кинеското Министерство.

Прашањето за Украина беше допрено и за време на последните разговори на Ванг Ји со неговите европски колеги, како и во телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг кон крајот на минатиот месец. Си му посочил на Трамп дека Кина „се надева дека сите страни ќе продолжат да ги намалуваат разликите и што е можно поскоро да постигнат праведен, траен и обврзувачки мировен договор“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој оваа недела е во посета на Кина, исто така се очекува да разговара за темата Украина со Си Џинпинг, само неколку дена откако срдечно го пречека својот украински колега Володимир Зеленски во Париз.

Можете да прочитате

Пекинг бара од САД да ги прекинат официјалните контакти со Тајван

Лондон: Вработен во градинка се изјасни за виновен за 26 сексуални дела против деца

Песков: Европа ќе плаќа поскапи енергенси