Утрински Весник
Свет

Рон ДеСантис се повлече од претседателската трка во САД и го поддржа Трамп

Ron Desantis

Гувернерот на Флорида Рон ДеСантис синоќа соопшти дека се повлекува од претседателската трка и ја даде својата подdршка на кандидатурата на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Одлуката на ДеСантис доаѓа во предвечерјето на внатрепртиските избори во Њу Хемпшир закажани за во вторник, на кои единствен ривал на Трамп останува Ники Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина.

-Денеска ја суспендирам мојата кампања. Трамп е супериорен спрема сегашниот претседател Џо Бајден. Тоа е јасно. Потпишав заклетва за поддршка на републиканскиот номиниран кандидат и ќе го спроведам тоа ветување, кажа ДеСантис во видео изјава.

Тој рече дека е јасно дека мнозинство од примарните републикански гласачи сакаат да му дадат втора шанса на Трамп. Во видеото, тој ја искритикува Хејли за обидот да ја врати Републиканската партија во „затоплен корпоративизам“ и дека затоа дава поддршка на Трамп.

Кампањата на ДеСантис уште на почетокот се судри со многу пропусти, како објавата за влез во трката дадена на социјалната мрежа Х заедно со Илон Маск, што беше проследена со получасовен прекин поради технички пречки. ДеСантис се претставуваше како успешен конзервативен гувернер на Флорида и републикански пулен кој може да ја симне круната од Трамп, и само завчера му испрати отровни стрели со зборовите дека ако изгуби на изборите тој „сигурно ќе се жали дека тие биле фалсификувани“.

На изборите во Ајова ДеСантис заостана 30 отсто зад гласовите на Трамп кој собра 51 отсто. На трето место беше Хејли.

На одделни митинзи синоќа во Манчестер, Њу Хемпшир кога се дозна за неговото повлекување, Хејли му посака сѐ најдобро, а Трамп нетактично му порача на ДеСантис „да почива во мир“.

Можете да прочитате

Драма на аеродромот во Анталија, авион се запали – евакуирани 79 патници

Сибиха бара партнерите да и обезбедат на Украина системи за пресретнување на ракетите Орешник

Будистички манастир под истрага: 41 тело откриено во Тајланд