
Родителите на 17 ученици од четврто одделение утрово излегоа на протест пред основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Скопје, барајќи итно решение за, како што велат, сериозниот проблем со еден од учениците кој минатата недела нападнал наставничка, а претходно покажувал насилно поведение и кон други ученици. Според родителите, ученикот имал образовен асистент додека бил во прво и второ одделение, но истиот не му бил обезбеден во трето и четврто, што довело до низа инциденти во училницата.
Досегашните мерки што ги презеде училиштето, за жал, не резултираа со подобрување на состојбата. Бараме итна интервенција од надлежните институции. Исто така бараме физичка и психолошка безбедност за сите ученици и наставници, порачаа родителите.
Во петокот на 9 мај, „ученик со предизвици во однесувањето“ ја изгризал наставничката и ја удирал по главата. Таа била третирана од итната помош и се наоѓа на боледување. Во медицинската документација стои дека наставничката „за време на вршење на работните обврски била загризана по раката и удирана по главата од страна на ученик“ и дека е уште вознемирена и расплакана.
Инаку до Државниот просветен инспекторат родителите од паралелката испратиле и претставка зашто сметаат дека ученикот бил префрлен од еден во друг клас без одлука на училишниот совет, односно незаконски. Во претставката наведуваат дека нивните деца сведочат за бројни инциденти и закани кон наставничката – со молив на врат ѝ велел на наставничката „ќе те убијам“ а имало и „соблекување и покажување на половиот орган пред сите“.