Утрински Весник
Македонија

Родителите на жртвите од Кочани најавија протест во Скопје на 15 ноември

Img 0825.jpeg
Dik 300x250 mk

Низ солзи и со длабока болка, родителите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани најавија голем граѓански марш за правда, што ќе се одржи на 15 ноември во 12:05 часот — само четири дена пред почетокот на првото судење за овој случај.

Маршот ќе започне од Плоштад Македонија, ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде што родителите ќе побараат институциите конечно да преземат одговорност и да обезбедат правда за нивните деца.

„Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка. Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тогаш марширававме сами, додека градот молчеше. Сега ве повикуваме сите да дојдете — без посредници, без лаги, без манипулации. Ние сме родителите на ангелите, и за нас единствено што остана е борбата за правда,“ порачаа родителите во своето обраќање.

Тие потсетија дека во изминатите месеци одржале повеќе од триесет маршеви во Кочани, но, како што велат, тоа не било доволно за да ги разбуди институциите.

„Свесни сме дека патот до вистината ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот. Веруваме дека Македонија има совест, дека знае да се сплоти кога најмногу боли,“ додаваат тие.

Според најавите, маршот на 15 ноември ќе биде симбол на сплотеност, тишина и достоинствен отпор против неправдата која трае повеќе од една година. Родителите нагласуваат дека ова не е политички собир, туку повик на совеста на секој граѓанин кој верува во правдата и човечноста.

„Се гледаме на маршот,“ завршуваат родителите — со надеж дека нивниот повик ќе одекне подалеку од улиците на Скопје, и ќе го допре секое срце што чувствува болка и потреба за вистина.

Можете да прочитате

Татко од Кочани ја објави последната снимка од ќерката што загина во „Пулс“ 

Метеоаларм: Можни се поплави, врнежите продолжуваат

Ана и Игор Дурловски ќе одбележат 25 години оперска кариера со новогодишен концерт во Скопје