Утрински Весник
Македонија

Родителите на трагично починатите во пожарот во „Пулс“ доставија барање до ОЈО во Кочани за средба со обвинителите

Screenshot 2025 05 24 162300.png

Семејствата и родителите на починатите во пожарот во клубот „Пулс“ денеска доставија писмен допис до Основното јавно обвинителство во Кочани, со кој бараат непосредна средба со обвинителите.

Барањето доаѓа по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата кое го даде јавниот обвинтел Љупчо Коцевски, а за што на саботниот „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите.


– Како што веќе најавивме во саботата, денеска доставивме писмено барање за средба со обвинителите за подетално да ни ја образложат истражната постапка и обвинението. Претходно ја добивме информацијата дека од Обвинителството се подготвени да се сретнат со нас и откако меѓусебно ќе се договориме, ќе доставиме известување за можниот термин на средбата, истакна Марија Петрушова, мајка чиј син настрада во „Пулс“.

На последниот „Марш за ангелите“ во Кочани, родителите на починатите во трагичниот пожар истакнаа дека не се правници и не го разбрале обвинението против осомничените. Нагласија дека од суштинска важност за нив е Основното јавно обвинителство целосно да ги запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност.

Родителите сметаат дека неприфатливо е како најдиректно засегнати да добиваат информации преку медиуми или од неофицијални канали, поради што бараат транспарентност и директна комуникација со надлежните институции. Поддршка за следење на целата постапка побараа и од Коалицијата за правично судење и од Транспаренси Македонија.

Можете да прочитате

Пристигнаа компресивните костуми за повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ – прва пратка предадена во Кочани

Сиљановска-Давкова од Тирана: Интеграцијата на регионот е неодложен геополитички и безбедносен императив за ЕУ

Преживеани од пожар во дискотека во Шведска што се случи пред 27 години, дојдоа во Кочани да им помогнат на семејствата