Родители на деца од градинката Детска радост во писмен допис до медиумите велат дека се згрозени од одлуката на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска да ја врати старата директорка Анета Петровска на функција, по разрешувањето.
Родителите закажале седница, на која вечерва ќе одлучат кои ќе бидат нивните чекори, а веќе размислуваат за бојкот.
Во дописот тие ја прашуваат Тренчевска дали би допуштила нејзините деца да посетуваат градинка која ја води директорка за која изминатиот месец во јавноста излегле документи и докази за сторено кршење на многу закони.
Родителите во писмото велат дека нивните деца не се предмети па со нив да си поигрува министерката, општината или било кој.
„Сериозно размислуваме за повик за бојкотирање, односно не носење на нашите деца во просториите на детската градинка и исполнување на напишаното од првото писмо, односно носење на нашите деца пред зградата на Министерството за труд и социјална политика со цел Министерката да се грижи за нив. Сериозно размислуваме за организирање на протести со цел заштита на сигурноста на нашите деца која според нас во овој момент е нарушена. Бараме поддршка и разбирање од сите граѓани на општина Гази Баба. Бараме поддршка и разбирање од сите родители на деца, бидејќи знаеме какво е чувството да незнаеш на кого го оставаш своето дете“, велат родителите.
Додадоа дека во текот на вечерта, преку соопштение до јавноста ќе информираат за следните чекори кои ќе ги превземат.
Претходно градоначаникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, ја разреши директорката, а потоа на прес-конференција информираше за новонастанатата состојба со градинката.
„Откако не успеаја да направат политички притисок врз мене за да ја поништам одлуката за разрешување на директорката на детската градинка „Детска радост“, Министерството за труд и социјална политика ѝ ги одзеде надлежносите на општината. Оваа одлука донесена од страна на Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е незаконита и политички мотивирана“, рече Стефковски.
Тој кажа дека со одлуката да ја врати разрешената директорка за директор на детската градинка Детска радост министерката Јованка Тренчевска се става во директна заштита на незаконското работење утврдено со ревизорски извештај направен од страна на независна лиценцирана ревизорска куќа.
Директорката демантираше дека користела државни ресурси за приватни цели.