Случајот со родилката која вчера скокна од прозорец на скопска гинекологија ја разгори темата за поспородилната депресија и откри потресни сведоштва.
Според некои истражувања, една од секои седум жени се соочува со постпородилна депресија, што може да резултира со незаинтересираност за себе и бебето, беспомошност, песимизам, пореметен апетит и сон, а чувство на вина и безнадежност.
Обидот за самоубиство и изјавата на директорката на Гинекологија, Викторија Јовановска дека психолошката поддршка на родилките по породувањето е се’ уште табу, иако таа лично смета дека на сите им е потребен психолог, предизвикаа голем број реакции на социјалните мрежи, а жени јавно говореа за своите искуства.
Дел од нив раскажаа дека поминувале низ вистински пекол по пораѓајот и укажуваат дека им била потребна помош, а се споемнува и игнорирање од страна на вработените во државните јавни установи и недолични коментари.
„Самото искуство на породување во државна е ненормално. Која е логиката здрави родилки да сместиш на оддел за патолошка бременост? Моето искуство беше крајно трауматично, пропратено со многу пропусти, ризици по мојот живот и животот на бебето, тотално непочитување на жена што дошла својот живот и животот на своето дете да го довери во раце на некои што коментираат тетоважи и интимни фризури, кои немаат слух за потребите на жената и дури ги занемаруваат советите на гинеколозите што ја воделе бременоста, ги третираат ромките како помалку битни и сл. Самите патронажни сестри никогаш не прашуваат како се жените, ако се пожалиш дека е тешко ти кажуваат “што ти се чинеше кога се онаквеше”, да не набројувам други гадости(…)“, раскажува родилка.
Друга родилка која се надоврзува на коментарот вели дека по породувањето се чувствуваш како да си стока во штала.
„Така јас се чувствував утрото по породувањето. Со ужасни болки во стомакот ја молиш болничарката да ти помогне да станеш а да со гнушење те гледа и ти вика: вежбај се, стани сама. А срамот што си целосно гола, крвари, сe те боли, бебето го нема сеуште. Уф… И здрава психички жена, првиот ден од породувањето се чувствува најмизерно“, раскажува родилка.
За проблем со вртоглавици, пишува уште една родилка која се жали дека повеќепати побарала да и измерат притисок, но наишла на недолични коментари.
„Дури имаше коментари, дома свекрвата ли ќе ти го гледа, станувај ајде не туку се лигави. Од ГАК излегов со 60 хемоглобин, повреда на дебело црево при шиење, инфекција која ја лечев со месеци“, вели таа.
Во еден од најкоментираните статуси на социјалните мрежи, родилка детално го опишува процесот низ кој минува жената по породувањето. Плачеш со некаква леснотија дека се завршило, а не паѓаш во несвест од среќа дека си мајка и дека е баш ова е најубавиот момент што си го доживеала, вели таа констатирајќи дека постпородилниот период воопшто не е лесен.
„39-годишна жена откако се породила скокнала од прв кат на Клиниката за гинекологија, се бори за живот. Oва е првата вест која ја прочитав денска откако уклучив лаптоп.
Ќе почнам вака… начукајте си го тоа „кога ќе се породиш, ќе заборавиш се“ знаете каде. Инстаграм мами јадат чија семе и киноа додека споделуваат видеа како вежбаат три пати на ден во седми месец од бременоста, ти отвораш фрижидер уште еднаш и си поткаснуваш, веројатно по седми пат тој ден, од една страна сите ти велат да си јадеш бидејќи си трудна, од друга страна те јаде совест кога ја гледаш совршенава трудница како е фит, а ти веќе имаш ставено повеќе од 15 килограми. Остануваат уште два месеци, тоа значи уште веројатно пет до десет килограми плус. Подготовки за име, соба, алишта, колички, шеми за тоа колку пати ќе доиш, ќе се молзиш, за колку месеци ќе почнеш на работа. Тече времето, расте стресот за денот Д. Редовни контракции, се скусува времето, ЦТГ денеска, утре пак, дојди во понеделник, конечно почнуваат да бидат на неколку минути. Одиш во болница. Ох, нема ништо женствено, убаво и магично во константни болки, клизма, провокации и помини – брцни проверка на цервикс. Ќе мора да ти правиме царски. ми рекоа. После повеќе од 12 часа, само слегнав со рамената и реков во ред, само нека заврши. Тркалата на креветот тропаат по ходници, а светот ми се смалува. Свират мониторите, се полни салата. Не и ставајте тоа, тахикардична е – го слушам анестезиологот. Дваесет минути траат вечност, докторките конечно завршуваат со операцијата и се слуша плач. Ништо, празно! Плачеш со некаква леснотија дека се завршило, не паѓаш во несвест од среќа дека си мајка и дека е баш ова е најубавиот момент што си го доживеала. Доаѓаш дома, се мачиш со доење, те боли раната, крварења, сите наеднаш имаат што да те посоветуваат, да ти кажат. Ноќите и деновите ти се исти, времето станува убаво, а ти седиш на тераса и се прашуваш зошто ти требаше ова, која си, како ќе издржиш. Поминува време, станува полесно, спиеш повеќе од два часа во денот, имаш време да се избањаш, да испиеш кафе со другарките, да излезеш, килограмите полека се намалуваат… Конечно, собираш и сила да го напишеш и ова, ти требало катарза. За жал, оваа 39 годишна родилка, можеби никогаш нема да стаса да го каже своето патување на глас. Постпородилната депресија не е ретка појава, а тоа „ќе помине, нормално е“ ви кажав“, вели таа.
Слично, уште една родилка вели дека стресот го создава тоа што по медиумите се сервира дека со раѓањето доаѓа неизмерна радост и среќа, мајката е насмеана и во прегратка со бебето, а во реалноста ни случајно не е така, а нема кој да ти каже дека не е така и дека тоа е нормална појава.
„Психолог нема никаде на повидок за младите мајки, само приучени патронажни сестри кои повеќе комплицираат него што помагаат. Во државните болници небитно која, докторот што ќе те породи последно го гледаш на искачање од сала/бокс освен ако немаш врски, сестра само за да ти се развика и да те избоде 39372 пати ќе дојде, педијатар нема потреба, на бебе прави му што знаеш. Притисок, притисок, притисок. Си мислиш нешто не е во ред со тебе затоа што никој не ти кажал дека инстинктот не е како на филм, се осеќаш сама и изгубена во просторот и времето. После последното мое породување на ГАК каде јас завршив со повреда а ќерка ми со посебни потреби (што би рекол народ од готово-вересија), би кажала дека постпородилна депресија остана како мисловна именка, за жал“, сведочи жена.
Друга вели, пак, дека на државна болница, психолог по првиот пороѓај им кажал на родилките дека требало да раѓаат во март.
„Нѐ викнаа сите на советување кај психолог, за таму да ни каже дека сме го утнале терминот за раѓање. Толку од советите“, раскажа таа.
На темата реагираше и „Ина многуфина“, коментирајќи дека изјава како: „не знаеме како жените ќе прифатат психијатар, тоа е табу“ не помагаат.
„Од коментарите оставени под вестите за вчерашната трагедија сфаќам дека под итно ни треба едукација за ментално здравје. И изјави од типот “не знаеме како жените ќе прифатат психијатар тоа е табу” не помагаат. Било табу некад и машки гинеколог па сега е сосема прифатено. Едноставно ќе се направи да мора и тоа е тоа. Мислам, секако ако му е гајле на здравството за менталното здравје, ако не нишо. Ќе се правиме дека е нормално жена за три дена два пати да пријави вознемиреност, а тие да и речат ок психијатар пред испис и притоа да ја остаат без надзор. И сеа ќе глумиме дека се е во ред? Не е. Одговорност мора да има“, вели таа.
39-годишната пациентка која неколку дена по породувањето се фрли низ прозорец во петокот се пожалила на вознемиреност и извршен бил разговор со клинички психолог, кажаа од Клиниката. Во понатамошниот постпородилен период пациентката бил следена во согласност со дадените препораки. Следниот ден пациентката била без особени тегоби и е со уреден гинеколошко-акушерски статус.
Завчера, повторно, на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа и донеле одлука психијатар да се повика пред исписот од болницата да се повика. Пациентката не го дочека исписот и ноќта во неделата околу 21.30 часот се упатила кон ходникот на одделот за пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид фрлајќи се од првиот кат.
„Макфакс“ побара коментар од Министерството за здравство, укажувајќи на коментарите од родилките во кои се споменуваат искуствата од ГАК, како и прашање дали сметаат дека некој треба да понесе одговорност за 39-годишната пациентка, бидејќи и во неделата се пожалила на вознемиреност, а било одлучено психијатар да се повика пред исписот, од каде очекуваме одговор.