
Кинески тим претстави хуманоиден робот во природна големина, способен да трча со брзина од 10 метри во секунда, што е побрзо од повеќето луѓе. Роботот, наречен „Болт“ по легендарниот спринтер Јусеин Болт, е создаден од Институтот за хуманоидни иновации при Универзитетот Џеџијанг во источна Кина, во соработка со компаниите „Мирор Ми“ и „Каиерда“.
Според програмерите, ова претставува значаен пробив во контролата на движењето на роботите, динамичката рамнотежа и високоперформансните погонски системи. Видео објавено на Јутјуб прикажува како основачот на „Мирор Ми“, Ванг Хонгтао, се трка со роботот „Болт“. Роботот прави пократки чекори, но со поголема фреквенција, што му овозможува да се движи побрзо од човек на лента за трчање.
Лани, кинески експерти поставија брзински рекорд за четириножни роботи со моделот „Блек Пантер“, кој достигна брзина над 10 метри во секунда. Додека пак, минатиот август во Пекинг се одржа првото Светско првенство на хуманоидни роботи, каде моделот „Тиен Кунг“ ја победи трката на 100 метри со време од 21,5 секунди. Но и понатаму, Јамајскиот спринтер Јусеин Болт го држи светскиот рекорд на 100 метри со 9,58 секунди и на 200 метри со 19,19 секунди.

