Утрински Весник
Економија

Ристовски: Со стратешки пристап, Македонија може да стане значаен играч на европскиот прехранбен пазар

Ristovski.jpg

Земјоделско-прехранбениот сектор има клучна улога во економијата на Северна Македонија, но неговиот вистински потенцијал сè уште не е целосно искористен. За тоа да се постигне, потребни се стратешки инвестиции, подобра регулаторна рамка и посилна соработка меѓу сите чинители – земјоделците, преработувачката индустрија и институциите, вели во интервју за МКД.мк Васко Ристовски, координатор на здруженијата за земјоделство, прехранбена и тутунска индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија. 

„Околу 46 % од земјоделското производство во земјата претставува производството на свежо овошје и зеленчук, пред сѐ ориентирано кон извоз. Индустријата за преработка на храна во Северна Македонија, која вредносно го надмина и извозот на вино, ја претставуваат 50 компании со капацитет за преработка од околу 180.000 t овошје и зеленчук годишно. Преработувачите, главно, користат домашна суровина, црвена пиперка, индустриски домат, вишни, јаболка и сливи. Сè уште имаме потреба од интервенции (капацитети и стабилен принос и квалитет на суровината) за да се зголеми нискиот обем на преработка на храна во Северна Македонија, а во последните години видно се истакнуваат и проблемите со квалификувани работници, со тешкотии при пристапот до финансирање, со недостигот од софистицираност на добавувачите, со високите царини за увоз на суровината итн. Потребно е воспоставување стабилни деловни односи со сигурни и ефикасни увозници и дистрибутери, со пристап до соодветни канали за дистрибуција и продажба“, вели Ристовски.


Во интервјуто, тој говори и за потребата од поголема поддршка и модернизација, предизвиците со кои се соочуваат домашните производители, како и за недостигот на жито и месо од домашно производство.

„Во државата сè уште има недоволно производство на месо (освен свинско месо), а бројот на сточен фонд се намалува. Домашната индустрија за свинско месо задоволува речиси 90 % од пазарот за свежо месо, додека, пак, сите индустрии за преработка на месо ги покриваат своите потреби од увоз. Како нето-увозник на месо задоволуваме повеќе од 50 % од својата потрошувачка на месо (месо и преработено месо). Живинарската индустрија е фокусирана на производство на јајца, но производството на месо не е доволно за да го задоволи локалниот пазар на свежо месо. Постои недостиг и од говедско месо бидејќи поголемиот дел од говедата во земјава се млечни крави. Јагнешкото месо е единствениот нето-извозен добиточен производ. Околу 85 % од производството на јагнешко месо во државава се извезува во земјите од ЕУ.

Исто така, увезуваме поголем дел од потребите за житни култури. Сопственото производство на пченка не ги задоволува потребите на домашната потрошувачка, па увезуваме 1/3 од вкупните потреби од пченица. Потребите од соја се компензираат со увоз на соино брашно од Србија и од Унгарија или од САД (преку Грција и Бугарија)“, вели Ристовски.

Можете да прочитате

Мицкоски: Инвестициски бум од околу 2 милијарди евра – ќе се инвестира во здравството, енергетиката, а ќе се реконструира и модернизира железничкиот транспорт

Ангеловска-Бежоска предупредува: „Макроекономската стабилност не е замена за реформи“

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници