
Истрагата за апелацискиот судија Ѓоко Ристов, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, започнала врз основа на пријавени наоди за судии во Апелацискиот суд, по што следеле дополнителни настани кои постепено го оформиле предметот. Како што информираа од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истрагата трае речиси една година и не се темели на еден доказ, туку на поврзување на повеќе сознанија. Ристов не бил под посебни истражни мерки, а до 350 илјади евра, пронајдени заѕидани во куќата на неговите родители во Неготино, се дошло врз основа на оперативни информации. По првичните наоди се појавиле сведоци кои тврделе дека врз нив било влијаено преку адвокати во предмети со лица со влијание. Во истрагата биле анализирани и телефони, вклучително и од затвореници, при што, според ОЈО ГОКК, со новата опрема биле детектирани релевантни разговори.
Обвинителката Искра Хаџивасилева посочи дека случајот добил појасни контури по апсењето на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен дека примил 50.000 евра поткуп за да влијае врз судија во Апелацискиот суд – Скопје. Според истрагата, Стафа првично побарал 100.000 евра за укинување на притвор на лице недостапно за органите на прогонот. Од ОЈО ГОКК наведуваат дека со доказите поврзани со Љупчо Пецов – Ѓаволот, осомничен во предметот „Синџир“, случајот со судијата Ристов станал поконкретен. Сепак, Обвинителството не може да тврди дали парите од наводниот поткуп стигнале до Ристов, посочувајќи дека во случаи на висока корупција директни докази тешко се обезбедуваат поради посредници и повеќеслојна заштита. Паралелно се води и финансиска истрага, која опфаќа анализа на имотот и пријавените приходи на судијата. По неколку претреси на различни локации, при дополнителен претрес во домот на родителите на Ристов во Неготино, биле откриени заѕидани 350 илјади евра. Парите биле во различни апоени, најмногу од по 500 евра.
Обвинителството наведува дека не е утврдено кога и од кој предмет потекнуваат средствата, но дека тие не се оправдани со законските приходи на судијата. Ристов е осомничен за прикривање имот и перење пари, при што, според ОЈО ГОКК, и самото криење и непријавување средства претставува форма на перење пари. Во однос на тврдењата на одбраната дека парите се сопственост на родителите, Обвинителството наведува дека не е убедено во тоа, но остава можност истото да се докаже со аргументи. Судија на претходна постапка му одреди куќен притвор на Ристов и му го одзеде пасошот, а одлуката беше донесена откако Судскиот совет претходно го укина неговиот имунитет. Против решението е дозволена жалба до Кривичниот совет. Од ОЈО ГОКК посочија дека куќниот притвор е определен поради сите околности, меѓу кои и здравствената состојба на осомничениот судија.

