Утрински Весник
Македонија

Ристоска за „Макфакс“: Поднесувам претставка за дискриминација, мислењето за Советот на обвинители е јавно познато

Ристоска за „Макфакс“: Поднесувам претставка за дискриминација, мислењето за Советот на обвинители е јавно познато

Обвинителката Ленче Ристоска ќе поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако претседателот на Советот на јавни обвинители, Анотнио Јолевски, посочи дека за неа немаат извештај, а еден период поминала и на трудничко.

dobivaj vesti na viber

Ристоска за „Макфакс“ посочува дека не сака да го коментира нејзиниот неизбор, а нејзиното мислење за Советот смета дека е познато на јавноста.

„Не гледам потреба повторно да ја коментирам работата на Советот, кога моето мислење е јавно познато. Што се однесува до изјавите во кои околноста што користам породилно отсуство се врзува со подобноста за мој избор во Вишото јавно обвинителство Скопје, за истите ќе поднесам претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Сепак не е прв пат да се соочувам со дискриминаторски изјави и затоа сметам дека треба заштитата на моите права да ја канализирам и институционално“, рече Ристоска за „Макфакс“.

Јолевски, вчера, кажа дека Ристоска може да си конкурира и по третпат за виш обвинител. Тој го спомена и нејзиното трудничко отсуство.

„Кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала и во Вишото обвинителство. Немаме извештај за неа за последните четирите години, таа еден период е и на трудничко отсуство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија во одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, еден куп предмети кои ги работат во Основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. Тие беа специјализирани за најтешките дела, ама најтешките дела од областа на злоупотреба“, кажа Јолевски.

Ристоска во април, упати јавни критики кон Советот на обвинители. Тогаш, Јолевски најави и дисциплинска постапка, бидејќи ставовите од обвинителката не им се допаднаа и сметаа дека се спротивни на правилата кои ги имаат.

„Јасно е дека Советот на јавни обвинители е извор на тргuвање со влијание, и сметам дека треба да се реформира. Владее клиентелистички однос за такви што лобираат за нивниот избор и не може да одговори на предизвиците со корупцијата и високиот криминал, рече обвинителката“, кажа Ристоска на панел дискусија.

По изјавата на обвинителката Ристоска, Советот на јавни обвинители одлучи да се обрати до Етичкиот совет на јавните обвинители за да одлучи дали таа треба да одговара за јавно искажаните критики.

Можете да прочитате

Таравари итно хоспитализиран: Доживеав ненадеен колапс

Една година од убиството на малата Вања Ѓорчевска

Мицкоски: Ни треба деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста