
Обвинителката ленче Ристоска размислува да не се кандидира на повторниот конкурс за избор на судија за Судот за човекови права во Стразбур – за да не и даде легитимитет на оваа постапка. Таа во интервју за „Призма“ соопшти дека побарала јавно извинување за изнесени клевети и невистини од една јавна личност и бидејќи не ги добила – ќе поднесе тужба за клевета.
-Ваквата клеветничка кампања зема уште поголем замав по објавата на владата за поништување на листата. Очекувам оваа кампања да добие на интензитет во периодот што следува, бидејќи како поинаку ќе се изгради јавно мислење за моја неквалификуваност за позицијата за која имам аплицирано.
Сите настани што се случуваа во изминатиов период – клеветничките кампањи, укажувањата да ја повлечам апликацијата, нетранспарентноста на владата при поништување на листата, ме наведоа на заклучок дека не треба да се појавам пред меѓународниот панел на судии во Стразбур. А дали е тоа така и зошто, треба да се праша владата. Не би сакала да верувам дека мојата јавно обвинителска работа и предметите по кои постапувам имаат врска со одлуката на владата.
Во однос на повторна кандидатура – тоа не е прашање само на лична волја, туку и на принцип. Размислувам да не се кандидирам, бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот“, рече Ристоска за Призма.