
Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески, вечерва во емисијата „БИЗНИС21“ на ТВ21 остро реагираше на предложените измени во Законот за извршување, оценувајќи дека тие се на штета на граѓаните и мора итно да бидат повлечени и дополнително консултирани со синдикатите.
Ристески потенцираше дека во пракса најголем товар паѓа врз граѓаните, кои, како што рече, го извлекуваат „најдебелиот крај“. Според него, долг од само 500 денари може да прерасне во обврска од 17 до 18 илјади денари поради дополнителни трошоци за адвокати, нотари и извршители.
„Ние сме против овој закон, затоа што ако граѓанинот добива сметка, зошто таа сума веднаш да не оди кај извршител, без дополнителни трошоци? За сметка од 500 денари компанијата ангажира адвокат кој само за допис наплатува 6.000 денари. Долгот веднаш расте на 6.500 денари. Потоа следува нотар, кој наплатува уште 3-4 илјади денари. На крај извршителот ќе ве најде каде и да сте и ќе ви ја блокира сметката. Така долгот може да достигне и до 18 илјади денари“, изјави Ристески.
Тој посочи дека во многу случаи граѓаните воопшто не се навремено известени, туку се соочуваат со извршување без претходно реално да им биде укажано дека имаат заостанат долг.
„Како демек те барале, па не те нашле. Треба ли граѓанинот секој ден да оди во суд за да проверува дали има предмет? Ова е тешка глупост. На душман ваков закон не може да му донесеш“, нагласи Ристески.
Од Конфедерацијата бараат итно повлекување на законските решенија и отворање широка јавна дебата со вклучување на синдикатите и стручната јавност, со цел да се спречат, како што велат, неправдите и прекумерните финансиски оптоварувања врз граѓаните.

