Утрински Весник
Македонија

Ревизија: Сомнежи за законитост и транспарентност во трошењето средства во Општина Центар

Img 1363.jpeg

Општина Центар, заклучно со 31 декември 2023 година, има ненаплатени побарувања во износ од 276.569 илјади денари, или околу 4,48 милиони евра. Според извештајот на Државниот завод за ревизија, не е утврдена старосната структура на овие побарувања, ниту дали постои законска можност за нивна наплата.

Особено е загрижувачки фактот што побарувањата по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се евидентираат само кога ќе се наплатат, без склучени договори за одложено плаќање во случаи кога обврзникот не платил еднократно.


Дополнително, ревизијата нотирала дека Општина Центар побарува 16.940 илјади денари од Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје за претходни години, додека за 2022 и 2023 година воопшто не се евидентирани побарувања по овој основ.

Во делот на поддршка за спорт и млади таленти, утврдено е дека само 13% од средствата од Програмата за спорт и рекреација, односно 2.256 илјади денари, се распределени на спортски здруженија, поединечни спортисти и стипендисти. Останатите 87% или 15 милиони денари, се доделени на кошаркарскиот клуб „Работнички“ АД Скопје, без спроведена контрола на наменското и законското користење на тие средства во изминатите девет години.

Ревизијата открила и дека општината исплатила 984 илјади денари за адвокатски услуги врз основа на месечни паушали, наместо според конкретни извештаи за извршени активности, како што е пропишано со Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите.

Овие наоди отвораат сериозни прашања за транспарентноста, отчетноста и законитоста на трошењето јавни средства од страна на Општина Центар.

Можете да прочитате

Над 216 македонци имаат бугарски пасош

Томас Вајц за БГНЕС: Не знам дали Северна Македонија навистина сака да биде членка на ЕУ, јас сум пријател на Бугарија

Собранието ги усвои измените на Законот за царинска тарифа, ќе се намалат царинските стапки на 67 стоки