Реал Мадрид уште еднаш покажа дека Лигата на шампиони е нивни „двор“, откако во апсолутно неверојатен меч на гости на „Енфилд“ против мотивираниот Ливерпул, иако губеа со 2:0 по само 14 минути игра, на крајот стигнаа до магична 5:2 победа. Наполи, пак, својата победничка серија ја продолжи и во ЛШ, откако и тие стигнаа до гостинска победа од 2:0 над актуелниот шампион од Лига Европа, Ајнтрахт Франкфурт.
Во реприза на минатогодишното финале, Ливерпул тргнаа мотивирано уште еднаш против „кралевите“, и по само четири минути игра имаа водство откако Дарвин Нуњез постигна спектакуларен гол со петица. Само десет минути подоцна, Тибо Куртоа направи почетничка грешка и му дозволи на Мохамед Салах да стрела за 2:0 и ерупција на емоции на „Енфилд“.
Ако многу екипи би „колабирале“ по ваков почеток, тоа не беше случај со Реал. Винисиус Жуниор во 21. минута постигна прекрасен гол да најави големи работи за во 36. минута да ја искористи грешката на голманот Алисон Бекер за да израмни на 2:2, резултат со кој се отиде на полувреме. Потоа следуваше „колапсот“ на „црвените“.
Едер Милитао во 47. минута по „скратениот корнер“ на Лука Модриќ ги донесе гостите во водство, за во 55. минута, Карим Бензема со малку помош од Џо Гомез да го измами Бекер за 2:4. Бензема, освојувачот на „Златната топка“, покажа дека е клучен играч за тимот на Карло Анчелоти кога во 67. минута со фантастично движење во шестнаестникот ја запечати судбината на Ливерпул.
На „Дојче банк“ стадионот во Франкфурт пак, Наполи извојува голема победа од 0:2 и покрај тоа што почнаа со промашен пенал од Квича Кварацхелија во 36. минута од мечот. Виктор Осимен ја продолжи гол-серијата и во ЛШ во 43. минута, за во второто полувреме победата да биде потврдена од Џовани ди Лоренцо во 65. минута по супер-асистенцијата од Кварцхелија. Елиф Елмас доби шанса да влезе во игра во 80. минута од мечот.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк