Повеќе од осум тони кокаин се запленети во пристаништето во Ротердам во контејнер со банани кои доаѓаат од Еквадор, соопшти денеска холандското обвинителство, наведувајќи дека тоа е досега најголемата заплена на дрога во таа земја.
Дрогата чија вредност се проценува на 600 милиони евра е запленета на 13 јули, но информацијата не беше објавена порано поради истрагата која е во тек.
„На 13 јули Царината ја изврши најголемата заплена на дрога досега во пристаништето во Ротердам“, се наведува во соопштението на обвинителството, додавајќи дека од дванаесет палети банани биле запленети вкупно 8.064 пакувања со кокаин.
Како што е наведено, дрогата е уништена.
Контејнерот пристигнал во Ротердам преку Панама, додаваат тие.
„Уште еднаш успеавме… да им зададеме сериозен удар на трговците со дрога во пристаништето“, изјави директорот на царината во Ротердам Петер ван Буитенен, а објави царината на социјалната мрежа „Х“ (поранешен Твитер), наведувајќи дека заплената била „огромна“.
Холандската царина запленила повеќе од 29.702 килограми дрога во првата половина на 2023 година, што е повеќе отколку во истиот период минатата година (22.009 килограми), покажуваат податоците објавени од властите во јули.
Холандија, Белгија и Шпанија, првите три европски земји за испорака на кокаин испратен првенствено од Панама, Колумбија и Еквадор, се загрижени за криминалот поврзан со трговијата со кокаин.