
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, евроамбасадорот Михалис Рокас и претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Билјана Милошеска денеска потпишаа грант договор како дел од Регионалниот проект за управување со цврст отпад финансиран преку Европскиот заеднички фонд за Западен Балкан.

Грантот, во вредност до 2 милиона евра, е наменет за спроведување на физибилити студии и анализи за животната средина и социјални аспекти за Вардарскиот и Југоисточниот регион.
Меџити истакана дека тоа е клучен предуслов за активирање на втората транша од проектот за подготовка на проектните документи и конечно за практична изградба на инфраструктурата што следи.
– Оваа фаза претставува продолжување на траншата 1, која веќе се реализира во Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот регион. Со втората транша од проектот е предвидено изградба на регионална санитарна депонија во Вардарскиот и Југоисточниот регион по европски стандарди, санација и затворање на постојните нерегуларни депонии, изградба на претоврани станици, набавка на возила за собирање и транспорт на отпад, современа механизација за управување со депониите – нагласи Меџити.
Eвроамбасадорот Рокас смета дека управувањето со црврстиот отпад е горлив проблем и додаде оти се потребни важни активности и дејствувања за да се подобри квалитетот на живот и да се трансформира животната средина. Ние, како што рече, Ви обезбедуваме помош, финансиска и експертска, стручна помош за да може да ги надминете овие проблеми и заедно со ИПА средствата, кои ги имаме назначено од 50 милиони евра во интерес на овој проект.
-Зачувувањето на природните убавини на Северна Македонија бара решителна и ригорозна борба против цврстиот отпад на централно и локално ниво. Со 2 милиони евра грант од Програмата за инвестирање на Западен Балкан, ја продолжуваме посветеноста на ЕУ во поддршка на земјата, во изнаоѓање на најдобрите решенија за справување со проблемот со цврстиот отпад. Ова е само почетокот на тековната финансиска поддршка од ЕУ за Северна Македонија во областа на животната средина и управувањето со отпад – потенцира Рокас.
Милошеска изјави дека овој проект претставува значаен чекор кон позелена и поодржлива иднина во државата. – Ова е прва иницијатива на Банката во овој сектор, каде се поддржува имплементација на системи за управување со отпад усогласени со ЕУ стандардите, за повеќе од еден милион жители во три регионални плански области и 45 општини, подвлече Милошевска.