Утрински Весник
Македонија

Реакции од ВМРО – ДПМНЕ и ВРЕДИ на писмото од Бујар Османи објавено на фејсбук

20250426142808 big 730x400 87.webp.webp

Писмото што го објави Бујар Османи на неговиот Фејсбук профил, нема поголемо лицемерие од тоа тој да зборува за државни интереси, се вели во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.

– Преговорите за етнички прашања што ги водел Османи биле тајни, без знаење на јавноста, во функција на теснопартиските интереси на ДУИ, а не за доброто на државата. Доколку навистина имал дозвола од институциите, прашуваме: од кои институции? Од сопартијците во Владата што ја водеше најкриминалната гарнитура во историјата на Македонија? Од Заев и Ковачевски? Тоа не е државен мандат. Тоа е мафијашка дозвола за тргување со иднината на Македонија, се наведува во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ.


Што се однесува до обвинувањата за „омаловажување на Албанците“, ВМРО-ДПМНЕ со гордост ја афирмира еднаквоста на сите граѓани без разлика на етничката припадност.

– Ние се бориме против криминалците од ДУИ, а не против Албанците. Османи и ДУИ се тие кои ги злоупотребуваат Албанците како алиби за својата корупција и криминал. Бујар Османи треба да знае дека времето на приватизација на државата заврши. Македонија е на сите нејзини граѓани. Таа не е ниту на ДУИ, ниту на Османи, ниту на Заев, ниту на мафијата што ја ограбуваше со години, подвлекуваат од ВМРО – ДПМНЕ.

Се додава дека Македонија ќе биде праведна држава за сите, без разлика на верата и етничката припадност, но и држава во која криминалците ќе одговараат.

На писмото на Бујар Османи реакција испратија и од ВЛЕН во која се вели дека „Бујар Османи и ДУИ, и по 20 години апсолутна власт, сè уште не го научија ниту занаетот на достоинствено владеење, ниту културата на политичко однесување во опозиција“.

– Човекот кој со години го мерка тронот на Али Ахмети се однесува како да е паднат од Марс, а не како да бил дел од сите Влади и прошетал еден куп ресори и секаде оставил скандали зад себе. Денес ги гледаме заробени во патетична паника, молејќи за власт како да е нивниот последен политички здив.

Во отсуство на каква било идеја или визија, посочуваат од ВЛЕН, продолжуваат да ги лажат своите гласачи со празни ветувања и бедни повици за предвремени избори – сето тоа само со една цел: да се спасат себеси, своето богатство и досиејата што секој ден излегуваат на виделина.

– Со Бујар Османи – кој делеше тендери за рента-кар како бакшиш за своите пријатели и политички кругови. Со Блерим Беџети – мајсторот на башибозук-политиката, кој заедно со Данела Арсовска го претвори Скопје во џунгла. Со бегалецот Артан Груби – кој заврши на црната листа откако го спаси Сашо Мијалков од затвор, оставајќи уште едно црно петно врз образот на Албанците. И сега мислат дека Албанците повторно ќе им веруваат? Каде ви се ISO-стандардите? Дали ги завршивте? Дали добивте одговор од европските институции за вашите писма без одговор? Народот знае многу добро – вие само лажете и крадете!, се вели меѓу другото во реакцијата од ВЛЕН.

Можете да прочитате

Таравари се сретна и му се заблагодари на својот турски колега: Добрите пријатели се гледаат во тешки денови

Филипче: Министерот Тошковски нема контрола врз безбедноста во државата

Филипче: Сите можни инспекции вршат притисок врз градоначалниците на СДСМ