
Претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Скендер Реџепи, денеска на прес-конференција изјави дека седницата на Комисијата не била одложена, туку поништена и нагласи дека ќе постапува исклучиво согласно Деловникот на Собранието.
„Денеска за малку ќе бевме сведоци на нов скандал од страна на претседателот на Собранието. Тој, имитирајќи ја Владата која секојдневно ги прекршува Уставот и законите, сакаше да свика седница без претходно да биде поднесено барање до мене како претседател на Комисијата,“ изјави Реџепи.
Тој потсети дека член 126 од Деловникот јасно утврдува дека седница може да свика претседателот на Комисијата, по барање од една третина од членовите или по барање на претседателот на Комисијата. „До мене ниту вчера, ниту денеска не е стигнато такво барање. Затоа денешната седница не беше одложена, туку поништена, бидејќи е против Деловникот. Седница ќе свикам јас, кога ќе има законски основ,“ истакна Реџепи.
Тој оцени дека „државата станала банана држава во која секој секого прислушува и сите за тоа знаат“. Реџепи се осврна и на изјавите на премиерот дека бил прислушуван: „Како може премиер да има такви информации, кога класифицираните податоци од безбедносните служби строго се регулирани со закон? Јас нема да бидам дел од ваков скандал,“ додаде тој.
На новинарско прашање зошто до него не било доставено барање за седница, Реџепи изјави дека ги контактирал сите служби и дека тие поднеле приговор до Кабинетот на претседателот на Собранието, укажувајќи дека такво барање е спротивно на Деловникот. „Јас имам потполно право да поднесам кривична пријава против него и тоа му го пренесов преку нашиот координатор. Затоа денеска тој мораше да ја поништи седницата. Доколку сепак се одржеше, јас веднаш ќе поднесев кривична пријава,“ рече Реџепи.
Во однос на прашањето за безбедносните сертификати, тој посочи дека речиси една година тој и неговиот заменик сè уште немаат одговор зошто не им се издадени. „Во Словенија мандатот на пратеникот почнува и со безбедносен сертификат. Нема потреба од проверка. Истото важеше и за претседателот на нашето Собрание – автоматски доби безбедносен сертификат без да биде проверен. Зошто за нас важат различни правила?“ праша Реџепи.