Разорно торнадо усмрти најмалку седум луѓе и предизвика големи штети во јужниот дел на САД. Спасувачките тимови трагаа по луѓе заробени во текот на ноќта.
Само во округот Аутага, Алабама, околу 40 милји североисточно од Селма, шест лица загинаа откако торнадото пресече патека долга 20 милји и уништи десетици домови, објави АП. Директорот на округот за итни случаи, Ерни Багет, вели дека најмалку 12 луѓе биле тешко повредени па морале да бидат пренесени во болница со брза помош.
Тој додаде дека екипите сечеле дрвја во четвртокот навечер за да бараат повеќе луѓе на кои им била потребна помош и дека околу 40 домови биле уништени или сериозно оштетени, вклучително и неколку мобилни куќи кои биле разнесени.
Националната метеоролошка служба соопшти доцна во четвртокот дека штетите од торнадо биле пријавени во најмалку 14 окрузи во Алабама и пет окрузи во Џорџија, а десетици илјади луѓе останале без струја низ двете држави рано утринава. Во Селма, град важен за историјата на движењето за граѓански права, градскиот совет се состана на тротоарот користејќи светла за мобилни телефони за да прогласи вонредна состојба.
Во Џексон, Џорџија, еден патник загинал кога дрво паднало врз возило, а во Грифин, јужно од Атланта, неколку луѓе останале заробени во станбен комплекс откако дрвја паднале врз него.