
Воздушниот сообраќај во македонското небо се соочува со сериозни предизвици поради ограничувања во радарското покривање на терминалната маневрирачка зона на Скопје (Skopje TMA). Според достапните информации, хоризонталната радарска сепарација во оваа област изнесува 10 наутички милји, што е двојно повеќе од стандардот што се применува во европските терминални зони.
Дополнителни проблеми произлегуваат од нефункционалноста на средниот надзорен радар на Бањски Рид, што значително го намалува капацитетот за следење на воздушниот сообраќај и ја зголемува потребата за резервни процедури.
Најголемото ограничување, сепак, е тоа што под 9.500 стапки (околу 2.900 метри) во Skopje TMA нема воопшто радарско покривање. Во вакви услови контролорите на летање се принудени да применуваат процедурска наместо радарска контрола, што подразбира поголеми временски и просторни растојанија помеѓу авионите. Како резултат, неминовни се задржувања и доцнења на пристигнувањата и полетувањата на скопскиот аеродром „Александар Велики“.
Воздухопловни експерти предупредуваат дека ваквите ограничувања не само што го намалуваат капацитетот на воздушниот сообраќај, туку и ја зголемуваат комплексноста и одговорноста во работата на контролорите.
Сакам да кажам информираше дека се расипал и единствениот исправен радар во Контролата на летање во Македонска навигација (М-НАВ) на скопскиот аеродром. Станува збор за вториот од двата радара што се наоѓаат на самиот аеродром – еден врз Контролната кула и еден во нејзина непосредна близина – при што во функција бил само вториот, кој од вчера е нефункционален.
Со ова, контролорите на летање во моментов немаат можност да ги следат авионите на мала висина, токму во најчувствителната фаза од летот – при слетување и полетување.
