Утрински Весник
Свет

Рамасвами и Маск со план за укинување на ФБИ и масовно отпуштање владини службеници

Mask.jpeg

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) треба да биде укинато, а 1,5 милиони вработени во владата да бидат отпуштени како дел од новото Одделение за намалување на трошоците (DOGE), предложено од новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Ова е ставот на Вивек Рамасвами, кој е назначен да го води новото одделение заедно со најбогатиот човек во светот, Илон Маск.

Рамасвами, чиј слоган „згасни го!” стана препознатлив, за време на кампањата истакна дека планира да започне крстоносен поход против големата администрација во Министерството за образование, Даночната служба и странската помош за Украина, Израел и Тајван. Меѓутоа, за затворање на цела федерална агенција би било потребно одобрение од Конгресот.

Сепак, Рамасвами ќе има моќ да ги обликува приоритетите на новото одделение, создадено од нула за да ја намали бирократијата за само две години. Новата агенција ќе функционира надвор од владата и ќе ѝ дава препораки на Белата куќа за намалување на регулативата и буџетските трошоци, кои изнесуваат скоро седум трилиони долари.

Ова е идеја на Маск, технолошки милијардер кој стана еден од најблиските советници на Трамп, предложувајќи комисија за намалување на трошоците.

Новоизбраниот претседател, на оваа специјална двојка, која ја опиша како „два одлични Американци,” ѝ даде рок до 4 јули 2026 година, 250-годишнината од Денот на независноста, да поднесат извештај. Трамп во своето обраќање истакна дека ова тело ќе воведе „драстични промени“ со давање на предлози за „структурни реформи на големо“. Препораките би го поттикнале федералниот апарат кон „подобрено претприемачко управување“ со фокус на федералните агенции и намалување на бирократијата и трошоците.

Трамп веќе истакна дека сака да го укине Министерството за образование и да им ја препушти контролата над училиштата на сојузните држави и да ја елиминира „длабоката држава,” како што ги нарекува кариерните федерални службеници и за кои вели дека тајно ги следат сопствените цели.

Големите буџетски промени генерално се под јурисдикција на Конгресот, кој може да ги прифати советите од надворешни панели, како што е предложениот панел за ефикасност, или да ги игнорира. Ова може да биде спротивно на тврдењата на Рамасвами дека може да укине одделенија со извршни наредби преку Трамп.

Во насока на транспарентност, Маск рече дека DOGE ќе ги објавува своите „акции“ за јавен коментар. Спомена и листа на „глупави“ трошоци, за која кажа дека би била „крајно забавна“.

Според сегашниот буџет, одделенијата со најголема потрошувачка се Здравство и човечки услуги, Администрација за социјално осигурување и Трезор. Социјалното осигурување изнесува 1,46 трилиони долари, здравството 912 милијарди долари, додека Medicare троши 874 милијарди долари државна потрошувачка годишно.

Целосниот обем и механизми на DOGE се уште се во изработка, а се уште не е јасно како ќе се финансира комисијата, што отвора дополнителни прашања.

Законот за федерални советодавни комитети не бара од советодавните тела да плаќаат на своите членови.

Некои веќе сугерираат дека е иронично тоа што во одделение за ефикасност има двајца луѓе, Маск и Рамасвами, кои работат иста работа.

Рамасвами, милијардер, фармацевтски претприемач и поранешен кандидат за претседател, ја водеше кампањата со платформа за намалување на големината на американската влада. Тој рече дека ќе користи извршни наредби за затворање на агенции, а во случајот со ФБИ, сака дел од буџетот од 11,4 милијарди долари да го прераспредели во Тајната служба и Одбранбената разузнавачка агенција. Слоганот „згасни го!” стана клучна фраза за бизнисменот кој стана конзервативен инфлуенсер, а кој се повлече од републиканските предизбори за да му даде поддршка на Трамп. Предлогот на Рамасвами за укинување на ФБИ веројатно ќе наиде на поддршка од неговиот шеф.

Според планот на Маск, американската влада ќе го намали бројот на околу 400 агенции и бирократии на само 99. Технолошкиот могул има историја на драстични отпуштања, откако отпушти околу 3,700 од 7,500 вработени на Твитер кога ја презеде социјалната мрежа во 2022 година, велејќи дека тоа било најефикасниот начин за намалување на трошоците.

Лари Самерс, поранешен министер за финансии, рече дека би биле среќни да најдат само една десетина од заштедите што ги бараат бидејќи можностите се ограничени.

Намалувањето на помошта за Украина би заштедило околу 175 милијарди долари, што е сума одобрена од Конгресот од почетокот на руската инвазија пред речиси три години.

Агенциите што се соочуваат со проблеми, вклучувајќи го Министерството за образование (238 милијарди долари) и ИРС (12 милијарди долари), исто така нема да претрпат сериозен удар во буџетот.

Секоја голема заштеда, исто така, најверојатно ќе треба да се канализира во други владини агенции или одделенија кои ќе ја преземат работата.

-Едноставно е математички невозможно да се најдат два трилиони долари – рече Глен Хабард, поранешен претседател на Советот за економски советници.

Марк Голдвајн, висок политички директор на Комитетот за одговорен федерален буџет, рече за Си-ен-ен дека DOGE ќе мора да се насочи кон клучните области на трошење, како што се социјалното осигурување, Medicare и одбраната, доколку се покаже успешен. Тој додаде дека ваквите шеми често служат како изговор „да не се прави ништо“ од страна на републиканците кои ветуваат заштеди за време на кампањата.

Можете да прочитате

Лице од Флорида уапсено поради подготовка да ја дигне во воздух берзата во Њујорк

Унгарија ќе инсталира ПВО систем на границата со Украина

Напад со возило во Пакистан, убиени најмалку осум шиити