
Работниците во ФАКОМ производство и монтажа, поддржани од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), денеска излегоа на генерален штрајк поради неплатени плати. Според изјавите на претседателот на СИЕР, Игор Герасов, работниците не добиле јануарска, февруарска плата, К-15 за 2024 година и три последователни 13-ти плати.
-Платите во изминатиот период во траење од една година се исплаќаа нередовно. Моменталната ситуација е многу проблематична, бидејќи од овој ден понатака зависи и егзистенцијата на овие 550 вработени што работат во оваа, реномирана компанијата што опстојуваше 65 години на македонскиот пазар и пошироко. За жал, овие работници, наши членови, не им се исплатени јануарската и февруарската плата, к-15 за 2024 година и три последователни 13-ти плати. Работниците си го имаат изработено своето, но компанијата, од за нас не познати причини, работи нерантабилно во изминатиот период, истакна Герасов.
Тој појасни дека во изминатата година ФАКОМ покажал загуби од околу 200 милиони денари но и дека компанијата има нарачки за работа за наредните три години,
-Компанијата има договорени договори за наредниот период, но проблемот е што работниците не се платени, иако го имаат изработено своето. Ние сме во штрајк и нема да продолжиме со работа додека не се исплатат сите заостанати плати, нагласи Герасов.
Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија Слободан Трендафилов, изрази загриженост поради, како што рече, повторното појавување на олигархиски практики и повикува институциите да се погрижат за заштита на работниците.
-Ние стоиме цврсто позади работниците и нема да дозволиме некој да си прави ќеф на наш труд и работничка мака, истакна Трендафилов и најави дека ССМ ќе продолжи поригорозно да се бори за редовно иплаќање на платите но и за нивно покачување.
Штрајкот во ФАКОМ ќе трае сè додека не се решат проблемите со не исплатените плати. Работниците кои, меѓу другото, работеле за бродоградната индустриуја за Италија, велат дека се спремни да помогнат во опстанокот на компанијата, која е важен бренд во Македонија. Информираат дека во моментов е пристигнат материјал мост во Хрватска во вредност од околу седум и пол милиони евра.