Утрински Весник
Македонија

Работниците на коридорите ќе можат да работат по 50 часа, ако се измени законот и по 60 часа – договорот со „Бектел и Енка“ останува мистерија

Работниците на коридорите ќе можат да работат по 50 часа, ако се измени законот и по 60 часа – договорот со „Бектел и Енка“ останува мистерија

Ниту едно инсистирање на јавноста, не го убеди премиерот Димитар Ковачевски да го објави договорот со „Бектел и Енка“ или делови од него. Тој новинарите ги упати ако сакаат детали од договорот, да ги добијат на брифинг од министерот за транспорт и врски или директорот на ЈПДП. Прашан дали работниците кои ги ангажира државата за работа на автопатите ќе имаат 40 или 60-часовно работно време, тој кажа дека можат да работат по 50-часа се додека не се донесат измените на Законот за работни односи со кои би се дозволиле 60-часа работно време.

dobivaj vesti na viber

„Во моментов имаме закони кои важат. Доколку се донесат законски решенија кои ќе предвидат други услови за работа, тогаш ќе се аплицираат тие други услови за работа. И сега кај нас, согласно законски решенија, може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Има голем број работници кои работат и по 50 часа, по свој избор и согласност“, кажа Ковачевски.

Според Ковачевски, 51 процент од работите треба да се изведат од страна на македонски работници, инжењери, македонска механизација, а голем дел ќе биде од странство односно од „Бектел и Енка“. Договорот во кои се предвидени овие услови, останува тајна.

„Сите договори кои што се практично од работата на ЈПДП и кои што во своите одредби имаат деловна тајна на страните кои се потписници, имаат назнака на доверливост. Тие содржат, како комерцијален договор – деловна тајна на компанијата која е дел од договорот во која таа ги прецизира технологиите на работа, структурите на трошочните и ценовни елементи. Заради доверливоста на податоците да не дојдат во посед на нивните конкуренти, тие договори се карактеризирани како такви“, додаде Ковачевски.

Коридорот 8 ќе почне да се гради и коридорот 8 ќе се изгради, додаде Ковачевски.

„Потпишан е договор на 400 страници, каде се дефинирани сите обврски од изведувачот, како и обврски од другата страна – а тоа е државата. Така што, за сите детали за текот на градбата, изградбата ќе може да ве информира управувачкиот комитет и ЈПДП“, кажа Ковачевски.

Можете да прочитате

Бочварски: После 4 години локална власт- ВМРО-ДПМНЕ не исполни ништо од ветеното

Бочварски: Очекуваме да се зголеми поддршката за СДСМ, на локалните избори ќе настапиме со коалициските партнери од изминатите десеттина години

НИ СЕ ВРАЌААТ ЛЕТНИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ: Пред нас многу сонце и значително потопло време!