Утрински Весник
Свет

Путин соопшти дека Русите го зазеле украинскиот град Северск

Putin3.webp.webp

Рускиот претседател Владимир Путин и началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов денеска го објавија заземањето на источноукраинскиот град Северск, отворајќи го патот за понатамошни напредувања, пренесе ДПА.

Путин, на состанокот што беше пренесуван на државната телевизија и делумно преку видео врска, рече дека „ова значи оти сега се можни други успешни напади во други правци во источниот регион Донбас“.

Украинската страна првично официјално не ги коментираше овие информации.

Руската војска соопшти дека нејзина следна цел е да го заземе градот Славјанск, во кој живееја повеќе од 100.000 луѓе пред почетокот на војната во 2022 година.

Путин ја поздрави „динамиката“ на фронтот и ги пофали војниците со зборови како „прекрасни, момци“ и „цврсто ве прегрнувам“.

– Стратешката иницијатива целосно е во рацете на руската војска, рече тој, додавајќи дека освојувањето на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје напредува.

Путин не ги спомена тековните преговори за ставање крај на војната или мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој претходно ги опиша предлозите на Трамп како основа за разговори, но јасно изјави дека Русија може да ги постигне своите цели на бојното поле доколку Киев ги отфрли условите на Москва за решавање на конфликтот.

Путин, на пример, бара Украина да го предаде целиот источен регион Донбас во замена за прекин на огнот односно Киев да се повлече од областите што сè уште ги контролира. Украина категорично го отфрла ова.

На денешниот состанок Путин ја потврди целта за „протерување на украинските формации од нашата територија и обновување на мирниот живот на територијата на Донбас“.

Москва во септември 2022 година објави дека го анектирала Донбас, составен од регионите Доњецк и Луганск, и го вклучила во својот устав како руска територија, но сè уште не ја контролира целата област

Можете да прочитате

„Дејли мејл“: Трамп сака да одвои четири земји од ЕУ

ЕУ трајно блокира 210 милијарди евра руски средства

Принцот Вилијам додели орден на 11-годишно девојче