Утрински Весник
Свет

Путин потпиша нова руска глобална стратегија, насочена е против Западот

Протече нацрт планот на Путин: акцентот е ставен на семејството, државата и народот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша нов руски стратешки документ чија цел е ограничување на „западната доминација“. Во документот се наведени Кина и Индија како клучни партнери за иднината на Русија.

dobivaj vesti na viber

Како што јави АФП, новиот стратешки документ го зацементира длабокиот јаз меѓу Москва и Западот во стилот на Студената војна, кој драстично се продлабочи по руската инвазија на Украина.

„Приоритет на Руската Федерација е елиминирање на остатоците од доминацијата на САД и другите непријателски земји во светската политика“, се наведува во стратешкиот документ што денеска го потпиша Путин.

Терминот „непријателски земји“ Русија го користи за да ги опише земјите, пред се во Европа и Северна Америка, кои ја осудија руската инвазија на Украина и воведоа санкции кон Москва.

Во документот од 42 страници објавен на официјалната веб-страница на Кремљ се наведува дека Русија планира „да создаде услови секоја земја да ги отфрли неоколонијалистичките и хегемонистичките цели“.

Најавувајќи го потпишувањето на документот на седницата на Советот за безбедност на Русија, Путин рече дека ажурирањето на руската стратегија за глобалната сцена е „неопходно поради радикалните промени во светот“.

Оваа стратегија, според АФП, го одразува се поизразениот антизападен став на Путин поради санкциите и западната воена помош за Украина. Ваквиот став беше многу забележлив за време на говорот на Путин за состојбата на нацијата одржан минатиот месец.

Поради нападот врз Украина, Русија е се поизолирана на глобалната надворешнополитичка сцена и се обидува да ги зајакне своите политички и економски врски со африканските и азиските земји, како Кина и Индија, кои зазедоа понеутрален став, кон руската инвазија.

Концептот на „рускиот свет“ го користи Кремљ за да ја оправда инвазијата на Украина. Се тврди дека со војната во Украина, руската армија го брани украинското малцинство што зборува руски.

Во стратегијата се наведува и дека Русија ќе ги брани „традиционалните духовни и морални вредности“ од „псевдохуманистичките и другите неолиберални идеолошки позиции“. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека новиот документ ја препознава егзистенцијалната природа на безбедноста и развојот на нивната земја поттикнати од акциите на непријателските држави.

Можете да прочитате

Македонски лекари херои: Спасуваа животи по нападот во Германија

Расте бројот на жртвите во терористичкиот напад во Германија: пет мртви, 205 повредени

Расте бројот на жртви – четворица загинати во нападот на божиќниот пазар во Магдебург