Утрински Весник
Скопје

Првите 100 дена на Герасимовски: Градежна офанзива во Центар, реконструкција на улици и подготвки за Дом за стари лица 

Gerasimovski.webp.webp

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во Тема на денот на ТВ Сител посочи дека првите 100 дена од неговиот мандат започнале со конкретни инфраструктурни зафати и реализација на ветените проекти.

Меѓу првите активности е реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа”, на потегот од Министерството за култура до булеварот „Партизански одреди”, во населбата Дебар Маало. Проектот се реализира во соработка со Светската банка и претставува значаен инфраструктурен зафат за овој дел од Центар.

„Годината ја започнуваме со конкретни градежни активности. Ова е важна улица за жителите на Дебар Маало и за сите граѓани кои секојдневно ја користат. Реконструкцијата ќе се одвива етапно и ќе опфати целосна обнова на коловозот и инфраструктурата”, изјави Герасимовски.

Тој најави дека наскоро ќе започне и реконструкцијата на вториот дел од улицата „Ленинова”, кој ќе биде продолжение на веќе реконструираниот прв дел, со што целосно ќе се заокружи обновата на оваа значајна сообраќајница во Центар.

Меѓу клучните капитални проекти што следуваат се изградба на нова граѓанско-административна зграда, нова градинка и нов дом за пензионери. Во текот на денешниот ден, како што информираше градоначалникот, Општината добила позитивно мислење од Министерството за здравство, кое се согласило да ѝ ја додели парцелата на Општината на која е предвидена изградба на домот за стари лица.

„Ова не се само предизборни ветувања. Имавме состаноци со Владата и со Министерството за здравство и добивме зелено светло да продолжи постапката за доделување на земјиштето. Јас сум човек што сака да ги заврши сите процедури, па потоа да изработува идејни решенија, не како нашите претходници, кои креираа проекти без реална основа”, истакна Герасимовски.

Тој изрази уверување дека реализацијата на домот за стари лица ќе започне во текот на следната година.

Покрај инфраструктурните зафати, Општина Центар продолжува и со реализација на ветените програмски мерки како што се Центарска картичка, бесплатен здрав оброк за учениците, екскурзии за запознавање на татковината и други проекти креирани во соработка со граѓаните.

Со конкретни чекори уште во првите 100 дена, Општина Центар отвора нова фаза во развојот, со јасен фокус на инфраструктурата, социјалната грижа и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Можете да прочитате

Стабилизирана е состојбата со приватните превозници

Утре ќе нема струја во делови од Скопје

Герасимовски: Свечено отворена обновената сала во Градски парк, по пет децении Работнички доби нов дом