
Познат е целосниот идентитет на македонскиот државјанин кој заедно со двајца Срби беше убиен во јужноамериканската држава Боливија. Како што пренесуваат српските медиуми, станува збор за 43-годишниот Дејанчо Лазаревски од Струмица, познат под прекарот „Македонец“.
Покрај него, жртви на ликвидацијата се и Миљан Ѓекиќ (38) од Ниш, а третата убиена личност сè уште не е официјално идентификувана. Се претпоставува дека имала фалсификувани документи. Првичните сомневања укажуваат дека тројцата мажи биле вмешани во конфликт со локални нарко-картели, можеби во рамките на пресметка меѓу групи поврзани со таканаречениот „балкански картел“.
Телата на жртвите биле пронајдени во куќа во населбата Петролеро Норте, во главниот град Санта Круз. Сите биле завиткани во големи црни најлонски кеси, што според истражителите укажува дека убијците планирале да ги отстранат, да ги закопаат или да ги пренесат на оддалечена локација. Локалниот весник „Фелц“ пишува дека ова е типична постапка на криминални групи во регионот, особено кога сакаат да сокријат траги од ликвидација.
Прелиминарниот увид на полицијата покажал и можни траги од мачење врз жртвите – модринки, исеченици и други повреди кои не се од огнено оружје. Најмалку едно тело имало јасно видлива прострелна рана.
Српски извор за медиумите вели дека веста за убиството брзо се проширила во подземјето на Ниш и Струмица. „Последните информации велат дека еден од убиените е Миљан, познат како Итри, другиот е Дејанчо, кого сите го знаевме како Македонец, а третиот е познат како Мали Коста,“ изјавил соговорникот.
Во последните часови, специјалната криминалистичка единица на боливиската полиција уапсила четири лица под сомнение за вмешаност во тројното убиство. Тие се во притвор додека истрагата продолжува. Полицијата собира докази за мотивите и поврзаноста на жртвите со трговијата на дрога, која е особено активна во регионот на Санта Круз, познат како транзитна точка за кокаин кон Европа.