Првата дама на Украина ги повика светските лидери да помогнат да се вратат украинските деца што биле насилно однесени во Русија наведувајќи дека таму биле индоктринирани и лишени од нивниот национален идентитет, пренесува „Франс прес“.
Зборувајќи на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, Олена Зеленска рече дека повеќе од 19.000 украински деца биле насилно префрлени или депортирани во Русија или на окупираните територии и дека досега се вратени само 386 од нив.
Зеленска рече дека на тие деца во Русија им било кажано „дека не им се потребни на нивните родители, дека не ѝ се потребни на нивната земја, дека никој не ги чека“.
„На киднапираните деца им беше кажано дека тие повеќе не се украински, туку руски деца“, тврди таа.
„Апелирам до генералниот секретар на ОН и до целата организација да ни помогнат да ги спасиме украинските деца. Помогнете ни да добиеме информации за децата однесени во Русија. Помогнете ни да ги извлечеме децата од окупираните територии преку специјални безбедни коридори. На нашите деца им треба правда“, рече таа.
Според АФП, Зеленска зборувала и за случаи на сексуално насилство од страна на руски војници врз цивили наведувајќи дека властите истражуваат над 230 такви случаи, а жртвите во 13 случаи се деца. Таа рече дека меѓу жртвите имало 12 девојчиња и едно момче, а најмладата жртва во моментот на злосторството имала само четири години.
Во своето обраќање на Генералното собрание претходно истиот ден, претседателот Володимир Зеленски ги нарече дејствата на Русија геноцидни.
„Се обидуваме да ги донесеме децата дома, но времето истекува. Што ќе се случи со нив? Тие деца во Русија беа научени да ја мразат Украина и сите врски со нивните семејства беа прекинати“, рече Зеленски додавајќи дека тоа е „очигледно геноцид“.
Русија ги негира обвинувањата велејќи дека ги спасила украинските деца од ужасите на војната.