Утрински Весник
Македонија

Прв Дијалог за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Северна Македонија

1 43.jpg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Денеска, во рамки на официјалната посета на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа Првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година.

Состанокот официјално го отворија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, а обраќање имаше и министерот за одбрана, Владо Мисајловски.


Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната одлучност и посветеност на државата да биде доверлив партнер на ЕУ и НАТО во справувањето со безбедносните предизвици во сложеното геополитичко опкружување.

„Како држава, остануваме целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Нашата 100-процентна усогласеност не е само техничка обврска, туку и јасен одраз на нашата стратешка ориентација и споделени вредности. Ги поддржуваме сите постојни напори за постигнување праведен и траен мир во Европа, останувајќи доследни во споделувањето на заедничкиот товар преку продолжување на севкупната поддршка за Украина, вклучително и во воениот и одбранбениот аспект”, истакна министерот Муцунски.

Преку отворен и конструктивен дијалог, двете страни разменија мислења за регионалните безбедносни прашања и војната во Украина. Беше нагласена важноста на регионалната стабилност и улогата на Северна Македонија, како НАТО членка и ЕУ-кандидат, во јакнењето на европската безбедносна архитектура.

На средбата беше направен пресек на активностите поврзани со учеството на државата во мисиите и операциите во рамки на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, како и на тековните активности за справување со сајбер и хибридни закани, стратешка комуникација, борба против дезинформации и странски влијанија, како и учеството на жените во овие процеси.

Дополнително, македонската страна изрази силен интерес за продлабочување на соработката со ЕУ во одбранбените иницијативи, вклучително и преку Европската агенција за одбрана (EDA), Постојаната структурална соработка (PESCO), воената мобилност и претстојната Бела книга за европска одбрана. Како земја членка на НАТО, државата е јасно позиционирана за зајакнување на соработката меѓу ЕУ и НАТО во актуелното безбедносно опкружување.

На отворањето на првиот дијалог во рамки на Партнерството за безбедност и одбрана МК – ЕУ, министерот за одбрана Владо Мисајловски ја истакна посветеноста на Европската Унија која ја препозна нашата искрена заложба и посветеност во однос на зачувување на стабилноста, мирот и безбедноста на регионот и пошироко. Тој упати благодарност за поддршката од страна на Унијата наменета за македонската Армија.

„Во моментов имаме најголем буџет за одбрана, над 30 проценти се наменети за модернизација на Армијата, и оваа опрема дополнително ќе влијае на развојот на способностите и капацитетите на одбранбените капацитети”, рече Мисајловски.

Овој прв Дијалог за безбедност и одбрана меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија означи почеток на редовни политички и експертски консултации, со што ќе се овозможи следење на спроведувањето на Партнерството и отворање нови можности за соработка во интерес на мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните.

Можете да прочитате

Постуден јануари со можни снежни бранови низ регионот

Пијан таксист вечерва прегазил млада девојка во Кисела Вода

Експлозија на електричен бојлер повреди маж во Свети Николе