
Илјадници демонстранти излегоа на улиците во Сараево. Протестот е со цел да се покаже емпатија и сожалување за жртвите во сообраќајната несреќа кога трамвај излета од шините, при што 23 – годишно момче го загуби животот, а 17 годишна девојка беше повредена.
Мирниот собир беше организиран преку социјалните мрежи. Учесниците беа претежно млади луѓе, студенти и средношколци, вклучувајќи ги и колегите на починатиот Ердоан Моранкиќ, студент на втора година на Сараевската академија за ликовни уметности.
Толпата носеше транспаренти со натписи „Доста е“, „Корупцијата нè убива“ и „Ако нè убиете сите, од кого ќе крадете?“ Тие носеа фотографии од Моранкиќ и Ела Јовановиќ, студентка на медицинското училиште во Католичкиот училишен центар Свети Јосип, на која мораше да ѝ се ампутира ногата поради сериозноста на повредите. Лекарите ја опишуваат нејзината состојба како исклучително сериозна дури и по операцијата.


