Утрински Весник
Македонија

Протест на вработени во Филхармонија: Одлуката за избор на директор не смее да биде политичка

20250303140058 Big 730x400 68.webp.webp

Вработени во Македонската филхармонија денеска одржаа протест пред Министерството за култура и туризам, затоа што се сомневаат на потенцијална департизација во однос на изборот на директор на оваа институција.

На денешниот протест, Владимир Лазаревски од Синдикалната организација на вработените во Македонската филхармонија изјави дека на конкурсот за директор на Македонската филхармонија треба да се избере најквалификуваниот, а не партиски договорениот кандидат.


– Пред неколку дена министерот за култура и туризам Зоран Љутков во изјава за еден медиум рече одлуката кој ќе биде директор на нашата институција може да биде и политичка. Го повикуваме денеска министерот да ни одговори нам и на јавноста, зошто се спроведува конкурс, ако одлуката е политичка? Зошто се ставаат во нерамноправна позиција останатите кандидати? Како може одлуката да биде политичка, кога вработувањата не смеат да бидат предмет на договор меѓу политичките структури? Дали Љутков со оваа изјава и официјално потврдува дека департизацијата и мерит системот беа само декларативна предизборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ? Дали кандидатите треба да бидат врвни професионалци или да ја одразуваат политиката кои ја водат тие како партија, рече Лазаревски.

Тој побара одговор од министерот Љутков зошто, како што рече, по секоја цена на незаконски начин, се туркаат меѓу партиските договорени кадри. Како што напомена, имаат информација дека Мустафа Имери не доставил комплетна документација, иако во конкурсот јасно е назначено дека некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат.

Додаде дека Комисијата веќе им дала рок на кандидатите кои не доставиле уредна документација, да ги достават потребните документи надвор од законот во рок од три дена.

– Со тоа се крши Законот за култура и условите од конкурсот, се со цел да се истера меѓупартискиот договор меѓу Вреди и ВМРО-ДПМНЕ и да се назначи договорениот кандидат за директор на нашата институција. Дополнителните изјави на вицепремиерот Изет Меџити за вработување на илјадници Албанци во јавната администрација, освен што одат во прилог на тезата за целосна партизација на јавната администрација, се уште се една потврда дека доколку се избере Имери, не се почитуваат ниту законите во оваа држава, посочи Лазаревски.

Тој бара и од премиерот Христијан Мицкоски да остане доследен на изјавата дека ќе се вработуваат компетентни кадри и дека ќе се почитува системот на заслуги, а не системот на партиски договори и списоци.

Можете да прочитате

По навредите кон Петровска конечно се огласи и претседателката Давкова: Не е лошо некогаш човек и да се извини

Металната порта во Старата скопска чаршија е дивоградба – не може да се легализира, мора да се урне

Тоа што затекнале е страшно: Се огласи внукот на Зоки Фаци по немилиот настан