Утрински Весник
Свет

Пропадна иницијативата на Рама да ја поништи резолуцијата за „жолтата куќа“ во Советот на Европа

Пропадна иницијативата на Рама да ја поништи резолуцијата за „жолтата куќа“ во Советот на Европа

Албанскиот премиер Еди Рама не успеа да го поништи извештајот на поранешниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за трговијата со органи на киднапираните Срби во Косово и северна Албанија, пренесува „Данас“.

dobivaj vesti na viber

Рама побара и поддршка од земјите-членки на СЕ за почнување процес што ќе доведе до нов извештај кој ќе го исправи она што тој го нарече „трагична грешка“.

Иницијативата на Рама за донесување нова резолуција со која ќе се оспори извештајот на Марти беше на дневен ред на Бирото на Парламентарното собрание на Советот на Европа, но беше одлучено да се направи само „информација“ која нема никаква политичка тежина бидејќи нема да има извештај.

Албанскиот премиер ја поднесе оваа иницијатива на 3 април, на денот кога во Хашкиот суд за ОВК почна судскиот процес против поранешниот лидер на терористичката Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, и неговите соучесници Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красничи.

Рама во документот тврдеше дека во резолуцијата на Марти „без никакви факти се упатени страшни обвинувања за трговија со човечки органи против ОВК“ и дека ни по 11 години од усвојувањето на Резолуцијата во СЕ врз основа на извештајот на Марти, нема докази за трговија со човечки органи.

„Единаесет години подоцна, сите истражни напори направени оттогаш, на национално, регионално или меѓународно ниво, за докажување на обвиненијата за трговија со човечки органи, успеаја да го докажат она што беше познато: нема апсолутно никакви докази, ниту во Албанија ниту на друго место во регионот, за вадење и тргување со органи, за што може да се обвинат и припадници на ОВК,“ напиша во иницијативата албанскиот премиер.

Неуспехот на Рама да го реализира својот план го потврди и Елвира Ковач, членка на српската делегација и потпретседател на ПССЕ.

„Кога некој ќе покрене иницијатива за усвојување резолуција, како што направи Албанија, одлуката не мора да биде да се направи извештај од неа, како што сакаше Рама. Тој сакаше иницијативата да биде проследена до Комисијата за правни прашања, потоа да се избере известувач и на крајот да испадне дека „жолтата куќа“ не постои. Тоа не му помина,“ истакнува Ковач.

Според неа, навистина би било безобѕирно да се доведуваат во прашање претходните извештаи и работата на Комитетот на СЕ.

„Тоа би бил невиден преседан, никогаш досега не се случил. Одлуката за иницијативата на Рама е донесена со акламација, со неа се согласија сите во Бирото,“ нагласи таа.

Според професорот по безбедносни науки, Мирослав Бјеговиќ, Рама сака да го оспори извештајот на Марти тој недвосмислено докажал оти имало трговија со органи на киднапирани Срби.

„Тоа заедничко злосторство се случи под закрила на ШИК, разузнавачката служба на Косово на чело со Кадри Весељи. Истиот тој Весељи се школувал во албанската разузнавачка служба ШИШ. СЕ веќе усвои резолуција врз основа на извештајот на Марти, а тоа е тешко да се оспори,“ убеден е Бјеговиќ.

Коментирајќи ги тврдењата на Рама дека резолуцијата на Марти повеќе се заснова на шпекулации отколку на факти, пратеничката на СНС од Косово, Данијела Вујичиќ, оценува дека ова е обид за притисок врз Србија, но и врз хашките судии.

„Иницијативата на Рама е користење на моментот на невиден притисок врз Србија за прашањето на Косово за да се минимизираат злосторствата на ОВК и нејзините лидери кои сега се во Хаг. Познато е што се случувало на северот на Албанија, во „Жолтата куќа“, како и на други места во Косово. Ќе беше премногу да поминеше и овој евтин обид,“ вели таа.

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници