Утрински Весник
Балкан

Пронајден мртов кандидат за пратеник од партијата на Харадинај

Img 7451.jpeg

Во автомобил во населбата Ветерник во Приштина е пронајден мртов бизнисменот од Ѓаковица, Хекуран Хоџа, кој беше кандидат за пратеник на изборите закажани за 28 декември, на листата на Алијансата за иднината на Косово (АИК), партија предводена од Рамуш Харадинај, објавија косовските медиуми.

Случајот го потврди портпаролот на косовската полиција за регионот Приштина, Енис Плана, кој информираше дека полицијата и државниот обвинител веднаш започнале истрага за утврдување на околностите на смртта.

„Околу 15:00 часот добивме пријава дека во возило во населбата Ветерник во Приштина има лице без знаци на живот. Смртта на машкото лице ја потврди медицинска екипа на лице место. Полицијата, во координација со државниот обвинител, започна истрага и продолжува со преземање на сите истражни и криминалистички дејствија за целосно расветлување на случајот“, изјави Плана.

По веста за смртта, со порака на сочувство се огласи и лидерот на АИК, Рамуш Харадинај. Тој истакна дека Хоџа бил долгогодишен член и активист на партијата, кој од младоста бил вклучен во политичките процеси.

„Хекуран Хоџа беше наш долгогодишен колега во Алијансата, човек кој секогаш се истакнуваше со коректност, блискост и почит кон сите. Неговата смрт нè шокираше. Во овие тешки моменти изразувам искрено сочувство до семејството Хоџа, пријателите и сите колеги во Алијансата“, напиша Харадинај.

Надлежните институции најавуваат дека истрагата продолжува, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на обдукцијата.

Можете да прочитате

Блокирани 18 гранични премини во Србија по протест на камионџии

Српските судии повикуваат на штрајк поради усвојувањето на судските закони

Вучиќ: Западниот Балкан може да се приклучи на ЕУ заедно со Украина