Утрински Весник
Македонија

Прогрес: Демократијата е под голем притисок, десничарските партии го користат популизмот за поткопување на институциите 

Img 9058.jpeg

Денеска, во Скопје започна дводневната регионална тинк-тенк конференција „Заштита на демократијата: Справување со подемот на десничарскиот популизам” во организација на Прогрес институт за социјална демократија, а со поддршка од Фондацијата Калеви Сорса од Финска. 

Настанот го отворија извршниот директор на Прогрес Институтот Марко Михаилоски и проектната менаџерка во Фондацијата Калеви Сорса Јелена Симиќ.


Михаилоски, потенцираше дека денеска демократијата е под голем притисок, не само во нашиот регион, туку и на глобално ниво. Токму затоа, ваквите разговори не се само важни, туку и неопходни. Тој истакна дека на регионалната конференција ќе се идентификуваат предизвиците што ги носи популизмот за демократиите, но уште поважно да се изнајдат конретни решенија за надминување на популизмот.

Симиќ, рече дека промените во општеството мора да се случат преку ангажман, а не преку криза и треба да се стремиме да внесеме нови идеи и иницијативи на масата. Симиќ посочи дека ако се анализираат причините за порастот на десничарскиот популизам, од суштинско значење е да се размисли и за улогата на либералните конзервативци зошто го овозможија тоа и дали тоа е така затоа што левицата не успеала да се позиционира како сигурен партнер.

На првата панел-дискусија „Политичката динамика на десничарскиот популизам во Европа и Западен Балкан” учество зедоа проф. д-р Јаник Лахти од Финска, претседателката на мрежата за родова еднаквост на ЦИЕ Хрватска Даша Силовиќ и уредникот за надворешна политика на телевизија 24 Сеад Ризвановиќ.

Ризвановиќ, информираше дека секогаш кога државата има одреден политички проблем десничарскиот популизам се врти кон национализмот. Тој рече дека постојат извештаи кои говорат дека дезинформациите и потребата за креирање јавно мислење доаѓаат однадвор, од Русија, но на Балканот има влијание и од Турција и од Кина. Овие глобални играчи ги користат медиумите за пренесување на нивните геополитички интереси, но досега одговор од државата немаме видено.
Силовиќ, потенцираше дека десницата ги извртува целите за родовата еднаквост и трудовите права, и наместо левичарите глобално да бидат повеќе проактивни тие се реактивни. Во однос на Руската агресија во Украина, таа изјави дека војната ја водат десничарските влади, а руската агресија се користи како наратив за да се создаде слика дека Украина ја нападнала Русија, како Украина да е агресорот врз Русија.

На вториот панел „Популизам vs. Демократија: Ерозија на институциите и владеењето на правото” свои излагања имаа поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николова, претседателот на Центарот за современи вештини од Србија Милош Ѓајиќ и експертот за социјални прашања Душан Томшик.  

Учесниците потенцираа дека десничарските партии го користат популизмот за поткопување на институциите кое доведува до ерозија како на институциите, така и на владеењето на правото.

„За да ја заштитиме демократијата мора да се спротивставиме на популистичките политики и да работиме на зајакнување на институциите кои ќе обезбедат еднаквост и праведност за сите. Политичарите мора да ги тргнат рацете од судството за да се видат вистински резултатите од работењето”, порача Николова.

На третата панел дискусија „Улогата на социјалните медиуми и лажните вести во зајакнувањето на популистичките наративи” говореа главниот и одговорен уредник на Вистиномер Владимир Петрески, специјалистот за комуникации Марјан Забрчанец, пратеникот во Парламентот на Финска Пинја Перхолехто, како и пратеничката во македонското собрание Славјанка Петровска.

Петрески рече дека многу е важна проверката на факти, но мора многу да се работи на медиумската писменост на граѓаните и на младите лица. 

Можете да прочитате

Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2024 година

Беџети: Со антиалбанизам, Мицкоски се обидува да дефокусира

Фрчкоски: Шестоцифрени лаги – 24info.mk