
Професорот и доктор по науки Јове Кекеновски по речиси три децении му се врати на својот прв музички дом – хармониката, и наместо да свири само „за своја душа“, тој направи нешто што малкумина можат – стана светски првак во категорија 13Б.

Од Франција, од престижниот светски натпревар „Trophée Mondial De L’accordéon“, Кекеновски се врати со титула која го вбројува меѓу најдобрите хармоникаши во светот. Натпреварот, што се одржува по 75-ти пат во Монтергис, е еден од најзначајните музички настани за акордеонисти ширум светот и собира над 150 учесници во различни категории.

Кекеновски настапи во категоријата плус 60, каде жирито е составено од 16 членови од различни земји – без право да има претставник од државата на натпреварувачот.

Со импресивна програма тој ги освои симпатиите и на публиката и на стручниот жири. Свиреше:
- „Со маки сум се родила“ во аранжман на Кирил Стојчевски,
- орото „Играорна фантазија“ од Кочо Петровски,
- италијански валцер „Електрико“,
- и румунска композиција од „Хора Мартисоули“.
Од можни 25 поени, маестро Кекеновски освои 24,1 поени, резултат кој го пласираше на самиот врв.
По речиси 30 години далеку од хармониката, неговиот камбек не е само музичка приказна – туку и доказ дека љубовта кон уметноста никогаш не избледува, ако срцето знае да свири.

