Утрински Весник
Економија

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

Bu Et.webp.webp

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вчера на продолжението од третиот ден од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година разгледа и не усвои 11 амандмани.

Најголем дел од амандманите беа поднесени од Европски фронт, а се однесуваа на средства за изградба на инфраструктурни проекти за водовод и канализација во Општина Кичево и општина Арачиново.

Не беа усвоени ниту амандманите од СДСМ за проект за водоснабдување во село Бистрица – Општина Битола, средства за проект за намалување на загубите на вода во Општина Валандово и амандманите за земјоделството, помеѓу кои беше и тој за предвремена исплата на субвенции за земјоделци.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, во образложенијата за одбивање на амандманите наведе дека за дел се предвидени средства во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, а за сите преземени обврски во однос на земјоделците се предвидени средства со ребалансот на Буџетот.

Претходно денеска Комисијата разгледа и не усвои 10 други амандмани и еден беше повлечен од предлагачите. 

Десетте амандмани што не беа усвоени на првиот дел од денешната расправа беа, исто така, поднесени од пратениците од Европскиот фронт и со нив се бараа средства за инфраструктурни проекти во општините Липково, Долнени, Сарај, Центар Жупа, Гостивар и Врапчиште.

Во образложенијата за одбивањето на амандманите заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски ги повика општините да аплицираат со проекти во Министерството за транспорт и врски кое преку програмата за проекти за обнова и рехабилитација на локални патишта има обезбедено 107 милиони евра, а и од овој ребаланс на Буџетот за таа намена се обезбедени дополнителни 12,3 милиони евра.

Повлечен беше амандман поднесен од пратеничките од опозицијата Моника Зајкова и Бисера Костадиновска Стојчевска.

Согласно Деловникот, амандманската расправа треба да заврши за шест дена. За ребалансот на Буџетот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите. Комисијата досега не прифати ниту еден амандман, а во изминативе три дена разгледа и одби вкупно 37 амандмани. 

Седницата продолжува денес во 11:30 часот. 

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена