Утрински Весник
Македонија

Продолжи судењето за Онкологија, сведоци тврдат дека давале мито за терапија

Onkologija.jpg
Dik 300x250 mk

Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд Скопје, продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Пред Судот беа сослушани повеќе оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија.

Шестмината сослушани сведоци најавија оштетено побарување и се приклучија на кривичниот прогон, освен еден кој преднајави штета, но не се приклучи кон кривичниот прогон.

Еден од денеска сослушаните сведоци не најави оштетено побарување и не се приклучи на кривичниот прогон на обвинетиот.

На прашање од јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, дали имале проблем со обезбедување на терапијата, еден од сослушаните сведоци рече дека имале проблем за нејзино обезбедување и најпрво оделе во Турција, но било многу финансиски, па потоа на Клиниката, каде, како што рече, морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата. Лекот, како што појасни сведокот, го добивале од фрижидер во канцеларијата на Никола Васев и бил даван на медицинска сестра за да биде аплициран.

– Немам документи, немам докази зошто не мислев дека ќе ми требаат. Ги исфрлив, но верувам ги има во досиејата – рече сведокот.

На прашање од одбраната на Васев, дали го пријавиле таквото однесување, сведокот рече дека не, зашто не знаела каде да пријави.

На прашање дали парите биле давани пред медицинската сестра, сведокот рече не, појаснувајќи дека влегувале во кабинетот на докторот, „се почастувале за кафе како што бил договорот” и потоа тој го давал лекот на медицинска сестра.

Друг сведок, пред Судот рече дека нејзината мајка, пред да почине, била лекувана на Онкологија со терапија за бели дробови, а и бил констатиран рак на бубрезите. Според сведокот, терапијата и лекувањето ѝ било сомнително и на нејзината мајка, која, како што рече, била свесна и немала никакво подобрување од терапијата пред да почине.

Бранителот на Симонида Црвенкова, адвокат Владимир Туфегчиќ пред Судот изнесе приговор на исказот на овој сведок бидејќи како, што рече, како бранител смета дека е конструиран во контекст на поднесеното обвинение, а од доказите и фактите јасно произлегува дека кај пациентот е констатиран галопирачки карцином, што зафатил поголем дел од стомакот.

Уште еден од сослушаните сведоци зборуваше за лекувањето на нејзината мајка од онкологот Симонида Црвенкова, за што не рече дека ѝ биле барани, но дека давала средства, кои како што нагласи, ги давала со срце и душа зошто спасот го гледала во докторката и дека немала намера ништо што дала на некого да го пререче, но, како што рече, била изреволтирана од тоа што го дознала.

На ова реагираше обвинетата Симонида Црвенкова, која рече дека, никогаш ниту побарала, ниту добила средства за нејзината работа.

– Целиот мој живот сум го посветила на себеобразување и доброто на пациентите и никогаш во животот ниту сум побарала, ниту сум добила средства. Тоа е многу тешко обвинение за мене. Мене ми е многу жал, јас работам 30 години со оваа болест и јас знам што значи – изјави Црвенкова.

Одбраната на Нино Васев, адвокат Дељо Кадиев, изнесе забелешка дека од страна на ЈО ѝ биле дадени записници од изјави на испитани сведоци, но само од лицата кои се предложени како сведоци, но не и од лицата предложени како законски застапници на оштетени.

– Што значи ова. Сметам дека одбраната се става во нееднаква положба, бидејќи е очигледно дека јавното обвинителство точно знае кои прашања да ги поставува за кои одбраната не може да подготви одбрана и прашања – изјави адвокатот Кадиев.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина пред Судот, по што Судот ја осуди на две години условна казна затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

Можете да прочитате

Потврден притворот за Рустеми и Саити – обвинети за загрозување на животната средина со отпад

Филипче: Ја слушаме јавноста и ќе ги направиме неопходните кадровски промени во СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче уште го игра бугарското сценарио